Собранието денеска треба да ја одржи седницата на чиј дневен ред ќе биде изборот на составот на работните тела на Парламентот. Седницата во петокот ја најави претседателот на Собранието Талат Џафери, а таа веќе е закажана и на собранискиот сајт. Составот на работните тела помина и на седница на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата, на која беше потенцирано дека бил постигнат консензус меѓу сите пратенички групи во Собранието.
Според тој договор СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ ќе раководат со по осум собраниски комисии, ДУИ ќе раководи со комисиите за европски прашања, за здравство и за уставни прашања, Беса со комисијата за култура, а АА и Алтернатива со комисијата за труд и социјала. Двајцата пратеници на Левица не се застапени како членови или заменици на членовите во ниту една комисија.
На дневен ред на оваа седница е и верификацијата на мандат на пратеник на местото на министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска. Според Џафери, на оваа седница нема можност за други точки на дневен ред бидејќи материјалите претходно треба да поминат на соодветните собраниски комисии.