ЕК: Вакцини од земјите од ЕУ ќе се распределат за Западен Балкан и европското соседство

Денеска е усвоен е документ со механизам за распределба на вакцините
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји соопшти дека Европската комисија ќе воспостави механизам за распределба на вакцините од земјите – членки на ЕУ кон партнерските држави.
По документот кој денеска го усвои ЕУ, тој на Твитер напиша дека посебен фокус ќе биде на Западен Балкан и земјите од европското соседство.
Во документот се наведува дека тој механизам би требало да им овозможи на партнерските земји пристап кон делот од 2,3 милијарди дози од вакцините кои ЕУ ги обезбеди низ заедничка набавка.
Во тој процес ќе му се посвети посебно внимание на Западен Балкан, источното и јужното соседство на ЕУ и на Африка.
СЗО вчера алармираше дека светот е на праг на катастрофален морален пад со дистрибуцијата на вакцини против ковид-19. Генералниот директор Тедрос Аданом Гебрејесус ги повика државите и производителите поправедно да дистрибуираат вакцини низ целиот свет.
СЗО: Вакцините против ковид не се распределуваат праведно
Повеќе европски држави веќе објавија дека се соочуваат со недостиг на вакцини, што може да го загрози целиот процес на вакцинација, особено кога се работи за вакцината на „Фајзер“, која за да биде ефикасна треба да се примат две дози во строго определен временски рок.
Ситуацијата дополнително се усложни со објавата на „Фајзер“, чија вакцина се користи во најмногу земји во светот, дека ќе ја намали испораката бидејќи го проширува производствениот капацитет на фабриката во Белгија.
Голем број земји сѐ уште не добиле ниту минимум дози на вакцини, а оние што добија имаат ограничени количини и поради тоа не можат да споделат дел со овие земји.
Генералниот директор на СЗО како пример за нееднаквост посочи дека биле дадени повеќе од 39 милиони дози во 49 земји со висок приход, додека само 25 дози биле дадени во една сиромашна земја.
Преку механизмот Ковакс, кој е гаранција за рамноправна распределба, сѐ уште не се доставени вакцини.
Тедрос истакна дека минатата година биле потпишани 44 билатерални договори, а годинава најмалку 12. Според него, нееднаквата дистрибуција може да го одложи снабдувањето на Ковакс и да доведе до хаос на пазарот, некоординиран одговор и социјални и економски проблеми.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.