Министерството за здравство потврдува дека кинеската компанија „Синофарм“ ја вратила авансната уплата која Македонија ја извршила за набавка на нивните вакцини.
– Авансната уплата која Министерството за здравство ја изврши за набавка на вакцината Синофарм, по барање на кинеското Министерство за надворешни работи беше повлечена заради усогласување на документација, на нашето МНР и МНР на Народна Република Кина. Разговорите се во завршна фаза, не станува збор за откажување на договорот, вакцините против Ковид 19 од производителот Синофарм во најкус можен рок ќе стигнат во нашата земја, велат од Министерството за здравство.
Дали навистина се работи за усогласување на документацијата или се купува време, допрва ќе се дознае.
Премиерот Зоран Заев и министерот Венко Филипче во неколку наврати досега истакнуваа дека кинеската вакцина во Македонија се очекува да пристигне кон почетокот, најдоцна средината на месец февруари. Потоа следуваа изјави дека поради кинеската Нова година, вакцините на „Синофарм“ земјава ќе ги добие до крајот на месецов.
По овие најави, граѓаните кои сакаат да се вакцинираат добија нов шок со информацијата дека сепак ќе има ново одложување и дека вакцини во Македонија се уште нема да има.
Последните информации од властите се дека за неколку дена ќе биде познато кога вакцините на „Синофарм“ конечно ќе пристигнат во Македонија.