Раст на трошоците на живот, односно повисока инфлација предвидува Народната банка во најновите прогнози за македонската економија.
Цените на храната и енергенсите ќе растат, животот на граѓаните ќе биде поскап. Ова ќе ја подгрее инфлацијата, која се очекува да достигне 2,2%. Сепак, Народната банка уверува дека има механизами да ја држи под контрола. Во најновите проекции за македонската економија, предвидува постепено закрепнување и раст од 3,9% годинава, а враќање како во предкризниот период дури наредната 2022 година.
Загрижувачки е јавниот долг, кој веќе ја надмина психолошката граница од 60% од БДП, а според прогнозите би се зголемил за 2,5 проценти поени. Затоа централната банка со порака до државата – внимателно да го троши секој денар.
Ќе расте и извозот и увозот, Раст се очекува и кај инвестициите, како странските, така и домашните и државните. Дефицитот на тековната сметка ќе достигне нешто над 3% од БДП, а ќе се финансира преку приливи и задолжувања.
Банкарскиот сектор е солиден, кредитниот раст се очекува да достигне 5.8, кој ќе биде поддржан од депозитниот раст, како и поволните кредити од развојанат банка. Ризици за влошување на прогнозата, според НБРМ зависат од пандемијата, побавното спроведување на имунизиацијата и евентуалното повторно разгорување, со појавата на нови мутации на вирусот.