Јапонските власти повторно по грешка објавија за лансирање на севернокорејска ракета

Контролата на воздушниот сообраќај во Јапонија во четвртокот по грешка ја објави информацијата дека е лансиран балистички проектил од Северна Кореја.

 Според јапонското министерство за земја, инфраструктура и транспорт, во 16,59 часот по локално време (10,59 часот по македонско време) експертите на центарот за контрола на воздушниот простор во градот Фукуока на островот Кјушу погрешно објавиле „Се случи лансирање на ракета. Ве молиме да се биде внимателен”. Информацијата била испратена до сите центри за контрола на летањето во земјата, но по само четири минути добиле официјално демантирање на информацијата.
Министерството нагласува дека грешката не резултирала со пореметувања во распоредот на полетувањата на воздухопловите, но дека се чувствува потреба да се развиваат безбедносни мерки за да спречи повторување на инцидентот.
Ова е втората лажна тревога за два дена во Јапонија. Претходно администрацијата на еден од најголемите јапонски мегалополиси Јокохама, по грешка на својот официјален микроблог на Twitter објави дека во Северна Кореја е лансирана ракета, но по 20 минути објави официјален демант и се извини за предизвиканата паника.
Јапонија, како и Јужна Кореја и САД, во моментот е во „состојба на подготвеност”, соопшти тамошното министерство за одбрана, откако извори од владата во Сеул изјавија дека може да се очекува нова нуклеарна проба од Северна Кореја.
Претходно во четвртокот јапонското министерство за одбрана соопшти дека мобилна постројка на севернокорејската армија за лансирање на проектил од типот „Мусудан” поставена во близина на градот Вонсан во северо-источниот дел на Северна Кореја, е поставена во активна положба. Според претставникот на јапонското министерство, информациите се добиени врз основа на анализа на неодамна направените сателитски снимки. Експертите ја наведуваат можноста дека вториот лансер може да е камуфлиран под маскирна мрежа.
Во почетокот на април се појавија информации дека Северна Кореја може да изврши тестирање на балистички проектили со среден дострел од типот „Мусудан”, за кој се верува дека има дострел меѓу три и четири илјади километри.
Претходно беше објавено дека експертите на Северна Кореја го завршиле подготвувањето на ракетното гориво, а министерот за надворешни работи на Јужна Кореја, Јун Бен-Се официјално ја потврди информацијата дека севернокорејската ракета е транспортирана до источниот брег на Северна Кореја и рече оти Пјонгјанг е подготвен да ја лансира „секоја минута”.
Покрај тоа, беа изнесени претпоставки дека Пјонгјанг може да истрела неколку ракети од типот „Скад” и „Нодон” од различни локации на севернокорејската територија, доколку се случи неуспешно лансирање на балистички проектили „Мусудан”.
Makфакс
Контролата на воздушниот сообраќај во Јапонија во четвртокот по грешка ја објави информацијата дека е лансиран балисти

Пронајдете не на следниве мрежи: