Три бебиња се родија во снежните колони во Украина

Три украински бебиња се родени во понеделникот во автомобили поради сообраќајниот застој предизвикан од обилниот снег во западна Украина, каде на патиштата се блокирани стотици возила, пренесува AFP.

Една Украинка родила близнаци во возило на Брза помош кое било на пат за болница, но возилото поради невремето во околината на Л’вов останало блокирано на патот. Мајката и бебињата потоа биле превезени во блискиот здравствен дом, а до болницата ќе бидат пренесени со возило за специјални намени, прилагодено за тешки снежни услови.
Уште една Украинка во поодмината бременост, исто така се наоѓала на пат за болница, но автомобилот останал блокиран во снегот во близина на селото Кисоричтија. До доаѓањето на спасувачкиот тим жената веќе се породила. Таа и нејзиното бебе биле извлечени од завеаниот автомобил и пренесени во болница.
Снежната бура веќе три денови не стивнува на поширокото подрачје на градот Л’вов, а колоната завеани возила на автопатот Л’вов – Киев е долга околу 20 километри.
Во неделата беа деблокирани повеќе до 1.800 автомобили во западна Украина, а на расчистување на патиштата се ангажирани повеќе од 18 илјади луѓе.

Макфакс

Пронајдете не на следниве мрежи: