Димитриевски: Ќе се бориме да го оствариме сонот на Македонија

Македонскиот репрезентативен голман, Столе Димитриевски најавува максимална борбеност против Португалија во вечерашното финале од плејофот за пласман на Светското првенство 2022.
– Наше е да излеземе на „Драгао” и да го дадеме најдоброто од себе. Ништо повеќе, ништо помалку. Овој меч е тоа што го посакувавме цел живот. Го заслуживме и ќе се бориме да го оствариме сонот. Нашиот и на цела Македонија, изјави Димитриевски за „Видеолотарија Касинос Австрија“ партнерот на „црвено-жолтите“.

На својот 54-ти настап во националниот дрес, Димитриевски сигурно ќе биде изложен на огромни искушенија, соочен со налетите на еден од најдобрите фудбалери во историјата на оваа игра, Кристијано Роналдо, меѓутоа и на неговите вонсериски колеги од репрезентацијата како Бруно Фернандеш, Диого Жота, Жоао Феликс…
– Ќе биде исклучително тешко. Португалија е една од најсилните светски репрезентации. Имаат неверојатен индивидуален квалитет, покриени се на сите позиции и секако дека влегуваат како фаворити. Треба да го исполниме тоа што од нас го бара селекторот. Секој ја знае својата задача и мора да бидеме максимално фокусирани. Веруваме во себе и ќе излеземе со желба и мотив да испишеме историја за македонскиот фудбал, додаде Димитриевски.
Португалците играат за осми настап на Мундијалите, Македонците за историски, прв.
Натпреварот ќе се игра на „Драгао“ во Порто со почеток во 20 часот и 45 минути.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.