Летен саем на книгата во ладовина и Отворена библиотека за туристите во Охрид

Летен саем на книгата во ладовина и Отворена библиотека за туристите во Охрид

Летен саем на книгата во ладовина и Отворена библиотека со странска и македонска литература за туристите се двата настани што ги реализира охридската библиотека „Григор Прличев“.

Летниот саем, како што информира директорот на установата Милчо Јованоски, почнува денеска на терасата пред Библиотеката, каде љубитлеите на пишаниот збор до 22 овој месец, ќе можат да купат некој од насловите од едицијата „130 тома Македонска книжевност“ на македонски и англиски јазик, како и дела од едицијата „Ѕвездите на светската книжевност“  по пристапни цени.

– Тоа се дела, кои на некој начин ја дават вистинската слика за македонската книжевна литература. Преведени се пред неколку години како проект на Министерството за култура и ќе бидат продавани по популарни цени, а ќе се продава и истата литература преведена на англиски јазик, преку што странците ќе можат да се запознаат со македонското творештво и автори, додаде Јованоски.

Отворената библиотека, појасни директорот, ќе им даде можност на туристите да земат книги на повеќе јазици, кои ќе бидат изложени на полици пред влезот на Библиотеката и откако ќе ги прочитаат да ги вратат повторно.

– За прв пат ова лето во Охрид ќе биде отворено бесплатно книжевно катче, кое ќе функционира 24 часа. Трезорите на библиотеката се богати со странска литература особено на англиски и германски јазик, на јазиците на соседните држави и други светски јазици, кои гостите ќе можат да ги позајмат, но и да ги разменат со свои книги, истакна Јованоски.

Според него, тоа ќе биде ново искуство за турситите, што ќе им овозможи одморот да го поминат во дружба со книгата.

– Се надеваме дека тоа ќе наиде на поширок интерес кај туристите. Оваа практика всушност е добро позната во странските летувалишта. Се надеваме дека на овој начин ќе ја збогатиме туристичката понуда во Охрид, што ќе овозможи комуникација меѓу туристите од различни земји, изјави Јованоски.

Во наредниот период најави дека ќе им предложи на хотелиерите да набават литература од македонски автори преведена на анлгисли јазик со што ќе ја зголемат својата понуда пред гостите, а на туристите ќе им овозможат да се вратат побогати со ново книжевно искуство од својот одмор.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.