Основачот и водачот на платеничката група Вагнер Евгениј Пригожин најави дека отсега ќе им наложи на своите борци да не земаат воени заробеници.
– Сите ќе ги убиеме на бојното поле. Не земајте повеќе воени заробеници, вели Пригожин во аудио снимка објавена на Телеграм.
Пригожин ја донел оваа одлука откако неодамна на Телеграм беше објавено видео на кое наводно се гледа „прислушуван разговор“ меѓу двајца украински војници кои решиле да застрелаат воен заробеник.
„Киев Индипендент“ тврди дека мажите во спорното видео, кое трае 21 секунда, зборуваат руски, не спомнуваат дека нивниот наводен киднапер е Русин, ниту пак даваат некакви индикации дека тие самите се Украинци.
Припадниците на Вагнер, кои се поддржани од руската држава, често се обвинети за мачење и егзекуција на цивили и воени затвореници во Украина, Сирија и други земји.
На 17 април, двајца поранешни платеници во интервју за рускиот опозициски медиум Gulagu.net изјавија дека убиле десетици украински воени затвореници, цивили, вклучително и деца.
Еден од платениците дури рече дека добиле наредба од самиот Пригожин да „исчистат сè“, односно да убијат сè пред нив, во Соледар и Бахмут во областа Доњецк.
Пригожин ги нарече овие тврдења „чисти лаги“, истакнувајќи дека Вагнер „никогаш не допрел и нема да“ повредува деца.
Тој додаде дека луѓето кои „шират лаги“ за Вагнер се непријатели и оти со нив ќе се постапува „на посебен начин“.
Пронајдете не на следниве мрежи: