Џорџа Мелони укина социјална помош за милиони Италијанци: Нека бараат работа

Италијанската влада предводена од премиерката Џорџа Мелони, на седница што се одржа на Меѓународниот ден на трудот, го укина Граѓанскиот доход, социјална помош за милиони сиромашни, заменувајќи го со чек за инклузија што е уште поограничена мерка, потег кој опозицијата и синдикатите го сметаат за провокација.

Ултраконзервативната влада предводена од Мелони, исто така, гласаше за ублажување на прописите за привремени вработувања и ослободување на работодавачите од исплати за социјално осигурување на една година ако вработат корисници на чек за инклузија на неопределен период или како практиканти.
На овој начин, италијанската влада сака да го поттикне вработувањето и да ги привлече младите да бараат работа.
Стапката на невработеност кај младите на возраст од 15 до 24 години во Италија, третата по големина економија во еврозоната, во февруари изнесуваше 22,4 отсто, што е речиси трипати повисока од националниот просек од 8 отсто.
Поддржувачите на граѓанскиот доход го сметаат за социјален амортизер кој е докажан во регионите на југот на земјата, каде што има голема економска несигурност, но владата тврди дека е скап (8 милијарди евра во 2022 година) и дека не ги поттикнува корисниците да се вработат. Од 1 јануари 2024 година, ќе биде заменет со чек за инклузија, мерка што ќе чини 5,4 милијарди евра годишно.

Граѓанскиот доход беше воведен во 2019 година
Додека граѓанскиот доход беше наменет за граѓаните со многу скромни примања, вклучително и за младите, новата мерка ќе биде ограничена на семејства со инвалиди, малолетници или постари од 60 години.

Според италијанскиот институт за статистика (Istat), граѓанскиот доход, воведен во 2019 година од владата Пет ѕвезди, извлече еден милион луѓе од сиромаштија, иако приближно половина од сиромашните не го добиваат затоа што немаат право на тоа ( помалку од 10 години живот на италијанска територија ) или затоа што не поднеле барање.
Опозицијата и синдикатите жестоко ја критикуваа владата што свика седница за овие прашања токму на Меѓународниот ден на трудот, оценувајќи дека тоа е провокација, изјави поранешниот претседател на Претставничкиот дом Роберто Фицо.

„Сериозна влада не се состанува на 1 Мај за да ги осуди младите луѓе на животна несигурност, уништувајќи им го сонот да имаат стан и семејство. Се состанува за да воведе законска минимална плата“, рече поранешниот премиер на владата Пет ѕвезди, Џузепе Конте.
Според La Repubblica, Мелони сакала со ова да го „демистифицира, десакрализира 1 Мај“ и „да ја предизвика социјалната хегемонија на синдикатите над светот на работата“. Илјадници луѓе протестираа ширум земјата во понеделникот, од Торино до Рим, при што демонстрантите фрлаа јајца врз зградата на владата, а главниот синдикален протест се одржа во Потенца, на југот на земјата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.