110 години од почетокот на Тиквешкото востание: Страотни колежи на српската војска, околу 1.000 луѓе биле убиени, над 2.700 затворени!

На денешен ден, 19 јуни, во 1913 година започнало Тиквешкото востание, прв вооружен и организиран масовен отпор против српската окупаторска власт во Македонија по повлекувањето на Османлиската Империја од Македонија.

Востанието траело седум дена, а е спонтано организирано од локалното население со помош на четите на војводите Петар Чаулев и Христо Чернопеев и останати дејци на ВМРО.

Востанието започнално како револт кон српските власти кои вршеле терор врз локалното население во Тиквеш, асимилација и посрбување на Македонците, а упатуваат и закани дека секој кој ќе се спротивстави на српската власт ќе биде убиен. Неколку настани дополнително го разгоруваат револтот на населението.

Имено, едно момче, по име Александар Видов, е убиено само поради тоа што изјавува дека не се чувствува како Србин. Една млада невеста од Ваташа, веднаш по нејзината свадба е силувана од страна на српскиот поручник Милан Крековиќ. Била убиена и цела турска фамилија од педесетина члена, меѓу кои и деца.

Со поддршка на ВМРО било свикано собрание со делегати од речиси сите места во Тиквешијата. На собранието едногласно било решено да се крене востание и е создаден востанички штаб, составен од видни војводи од тој крај коишто учествувале и во Илинденското востание, меѓу коишто биле: Дончо Лазаров, Михаил Шкартов, Коце Сеизов, Диме Пинџуров, Тодор Камчев и други. Бројот на востаниците изнесува околу 1.000, од коишто 200 луѓе се обични граѓани коишто земаат пушка в рака, а останатите се комити од четите на ВМОРО.

Востанието започнало на 19 јуни 1913 година, и покрај Неготино и Кавадарци, ослободени се и педесетина села во областа Тиквеш. Четите на Дончо Лазаров и Михаил Шкартов ги напаѓаат и ги протеруваат српските војски од Неготино. Српските власти испраќаат свои чети од околните села кон Неготино, но сите тие се разбиени. Востаниците продолжуваат понатаму и успеваат да ги протераат српските чиновници и писари од општинската зграда во Кавадарци и симнувајќи го српското знаме, го поставуваат тиквешкото револуционерно знаме. На 20 јуни е одржано и свечено собрание на коешто е избрана и градска управа составена од 12 видни кавадарчани, а слободата траела само 7 дена.

После седум дена Србите испраќаат голема војска предводена од Василие Трбиќ, како и од Јован Бабунски и Јован Долгач. На помош на српската војска иде и башибозук на Јаја Ага со 250 вооружени души. Тиквешките востаници, заедно со четите на војводите Христо Чернопеев и на Петар Чаулев се оставени сами да се соочат со српската војска, но не успеваат во своите напори. Во востанието загинале околу 1.000 тиквешани од коишто на 500-тина имињата со сигурност им се знаат меѓу кои голем број мажи, жени, деца и старци биле убиени, заклани и живи изгорени.

150 кавадарчани се врзани на колје во центарот на градот и се оставени да висат 30 часа под пеколното сонце, а после тоа заедно со уште 50 други кавадарчани се одведени во месноста Полјаната и стрелани. Запалени биле над илјада куќи, а околу 2.700 луѓе биле затворени. Војската вршела страшен терор и во реонот околу Криволак – колеле луѓе, а во фурни ги гореле децата.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.