ВМРО-ДПМНЕ под уцени не разговара и преговара, вели Петрушевски за идејата на ДУИ за шеф на државата да се бира во Собрание


Петрушевски рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека под уцени ниту разговара, ниту преговара, а најмалку пак прифаќа уцени и вели оти таквото однесување на ДУИ дополнително ќе ги мотивира граѓаните да кажат „доста е“

ДУИ во недостаток на реални аргументи и проекти излегуваат со национал – романтистички барања, како што е изборот на претседател на државата во Собранието. Ова е реакцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски на денешната прес-конференција на ДУИ на која партискиот портпарол Арбер Адеми побара сите политички партии позитивно да одговараат на идејата претседателот на државата да се бира во Собрание.

Петрушевски од говорницата во седиштето на партијата рече дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е дека под уцени ниту разговара, ниту преговара, а најмалку пак прифаќа уцени.

„Ние само ќе ги повикаме граѓаните да го следат ова однесување на ДУИ и да биде тоа дополнителен мотив за сите граѓани на наредните избори да докажат дека оваа држава не е заложник на една политичка партија и дека ДУИ, како што се однесува изминативе 20 години, очигледно ќе продолжи да се однесува и наредните години. Време е конечно ДУИ да отиде во опозиција и тоа ќе биде со помош на сите граѓани“,

рече Петрушевски на прес-конференцијата.

На прашањето дали со условувањата е доведен во прашање цензусот за претседател, Петрушевски вели дека таквото однесување на ДУИ дополнително ќе ги мотивира граѓаните да кажат „доста е“. 

Потпретседателот и портпарол на Демократската унија за интеграција, Арбер Адеми денеска рече дека ако се пристапи рационално кон прашањето претседателот на државата да се бира во Собранието, разумно е сите политички партии да се согласат со тоа.

Адеми рече дека со изборот на претседател во Собранието ќе се заштедат над 20 милиони евра во државата, а десетици илјади граѓани ќе се поштедат од процесот на собирање потписи, додека сите граѓани ќе бидат поштедени од кампањата и учеството на изборите за функција која има протоколарен карактер.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: