Гран- при за Тања Балаќ на Зимскиот салон на ДЛУМ

Уметницата Тања Балаќ ја доби Гран-при наградата на Зимскиот салон на Друштвото на ликовни уметници (ДЛУМ), на отворањето во Чифте амам. Наградата ја доби за видео анимацијата „Следна генерација“( Next Generation).

Дело на Ана Спасова

Првиот „Зимски салон“ се одржал во 1992 година, има натпреварувачки карактер и се доделува една награда која овозможува двомесечен престој во македонското ателје во „Cite des artes“ во Париз, Франција.

Инсталација на Озбек Ајваз

Од 2003 година финансиските средства за престојот во Париз ги обезбедува Министерството за култура на РСМ.

Дело на Ана Ивановска

Селекторка на биеналниот ликовен настан е Оксана Карповец, кураторка од Украина, која живее во Франција, а концептот е „Интимност и меѓусебна поврзаност“. Изложени се 36 дела од 33 македонски уметници и тројца од Украина.

„Во поврзаноста на овие зборови, мојата идеја е дека сите живееме во глобално село, дека сме поврзани без разлика каде денес живееме, сите сме вклучени и во војната во Украина, во Сирија, гладот, климатските промени. Сите страдаме од ова, во иднина сите ќе ги видиме последиците. Интимноста е нешто важно што прави не прави нас луѓе. Интимноста на мајката и детето, интимноста на љубовта, на грижата, грижата еден за друг, солидарноста“, вели Карповец.

Дела на Мила Добревска

На 20. „Зимски салон“ во Чифте амам се изложени дела од уметниците Ана Ивановска, Ана Спасова, Ана Трајковска, Ана В’чкова, Аница Китаноска, Валентина Илијевска, Дијана Томиќ Радевска, Дорина Тенева, Зулејха Зубери Али, Илиана Петрушевска, Ирена Паскали, Јана Јакимовска, Јана Луловска, Јана Манева-Чупоска, Коле Манев, Маја Кировска, Маја Рауник Кирков, Марија Мицова Гацова, Марија Чепишева, Марина Цветановска-Мартиновска, Мила Добревска, Мирослава Цветковиќ, Нела Јанковска, Ненад Тонкин, Никола Смилков, Озбек Ајваз, Пандора Апостолоска Саздовска, Славица Танеска, Слободан Милошески, Стефан Јакимовски, Страхил Петровски, Тања Балаќ, Христина Зафировска, Шќипе Мехмети, како и гостите од Украина Миро Клочко, Анатолиј Татаренко, Андриј Рачински, Даниил Ревковски и Сергиј Петлјук.

Изложбата ќе трае до 10 март.

Пронајдете не на следниве мрежи: