Груевски за Борис Трајковски и сеќавањата од кобниот ден: За мене ќе остане мистерија зошто пронаоѓањето на телата на загинатите траеше подолго од 24 часа!

БОРИС ТРАЈКОВСКИ
(Сеќавања од кобниот ден)

Тоа утро на вратата кај мене дома се појави порано од договореното, еден член на моето обезбедување кој вознемирено ми кажа не сум му одговорил на телефонсиот повик и затоа дошол лично да ме извести: “Исчезнал од радар авионот на претседателот Борис Трајковски, и ве викаат итно во владата” како од пушка ми кажа Горан, познат под прекарот Аки.

Така ја примив првата вест за големата трагедија.

Звучеше шокантно и неверојатно. Го прашав, каде, што, кој, како…и ми кажа онолку колку што знаеше, не многу.
За кратко бев во владата и таму прв ме пречека Лазе Китановски, тогаш министер за одбрана, сега покоен, кој подоцна дознав дека добил задача да ги координира активностите околу настанот.

На 26 фебруари 2004 година бев во деветиот месец одкако станав претседател на ВМРО-ДПМНЕ, позиција која популарно се нарекуваше и “шеф на опозицијата”. Бевме околу година и четири месеци во опозиција, а власта ја предводеше СДСМ.

Таа година следуваа редовните претседателски избори, па веќе размислувавме и анализиравме на таа тема, но и се справуваме со внатрешни партиски проблеми на фракционерство и подоцна отцепување и формирање нови партии на два поранешни подпретседатели на партијата, од времето пред да го превземам нејзиното водство.
Владата на СДСМ не донесе никаков сериозен прогрес и главно се занимаваше со апсења и прогони на лица од опозицијата и беше јасно дека тоа ќе бидат залудно потрошени четири години на Македонија. Слично како и во овој мандат ан СДСМ.

Но, да се вратам на кобниот ден.
Причината зошто веднаш и итно ме викнаа беше токму тоа: Борис Трајковски беше избран како предлог и член на ВМРО-ДПМНЕ кон крајот на 1999 госина кига јас бев министер за трговија,а тој тогаш околу една година беше заменик министер за надворешни работи во таа влада на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш предводена од Љубчо Георгиевски, а покрај тоа владата сакаше изворно и лично да го запознае шефот на опозицијата со настанот, за да не се информира од медиумите. И тоа беше во ред.

Средбата беше информативна за детали кои малку подоцна ги дозна целата јавност и ништо повеќе од тоа.

Сепак, надежта во мене остана жива и постоеше, дека можеби имале некаков проблем, некакво принудно слетување на некој терен кој може да послужи за тоа или слично, дека можеби има и повредени, но дека сепак можеби се преживеани или барем дел од нив.

Таков заминав во седиштето на партијата каде разменивме мислење и информација со многумина блиски соработници.
Сите планирани средби ги одкажав уште утрото кога ја дознав веста и денот беше исполнет со непрекината комуникација на една тема.
Поврзано со Борис Трајковски од тој ден и од периодот претходно имам многу незаборавни сеќавања. Тоа беше период кога зачестено се среќавав со него. Всушност во целиот негов мандат како претседател имав редовни средби со него за различни прашања, дури и во времето кога Љубчо Георгиевски ја прекина комуникацијата со него, но не се спротиставуваше и не правеше никаков проблем јас да продолжам со редовна комуникација со Борис Трајковски. Додека бев министер имавме и заеднички патувања, беше и мој гостин во станот каде живеев по еден повод и имавме многу разговори на многу теми. Но, во оваа прилика, на овој ден кога навршија 20 години од неговата смрт се потсетувам на кобниот денот пред точно 20 години.

Се до попладнето, официјално и владата чекаше информации од меѓународните сили во Босна и Херцеговина и од власта во таа земја, а авионот не беше пронајден.

Поминаа можеби 7-8 часа во кои немавме никаква новост, ништо пронајдено.
Тоа не е малку време во ера на сателити од кои може да се види се на земјата, интернет и брза комуникација, во ера во која постои технологија да се следат случувања во вселената, во земја која се наоѓа во Европа и која не е ретко населена, како некои пустински земји во Африка или планински во Азија.
Почнаа да се раѓаат сомнежи и нервоза во нашите редови.

Поладнето беше свикан Совет за безбедност на кој иако не бев член, бев повикан и јас како претседател на најголемата опозицијата партија и партија на која пропаѓаше Борис Трајковски.

Состанокот го водеше тогашниот премиер Бранко Црвенковски а беше присутен целиот државен врв на Македонија во тоа време, министрите за одбрана, МВР, МНР, претседател на Собрание и сите други кои по службена должност се членови на тоа тело, како и неколку други поканети гости.

На мое изненадување одкако формално се прераскажа што се случило, нешто што сите и целата јавност веќе го знаевме, тој сподели информација дека се уште авионот и екипажот не се пронајдени и некои детали дека спасувачки екипи ги бараат во отежнати временски околности и слично.
Кажа и дека после 8-9 часа трагање во кои не е пронајден авионот и патниците од одредени високи функционери на ЕУ ни е сугерирано да се спуштаат знамињата на половина копје во земјата и на тој начин всушност исчезнатите да се прогласат дека загинале во авионска несреќа.

По тоа следеше и предлог да се прогласи ден на жалост и се што оди со тоа по протокол.

Сите присутни го прифатија тој став, освен јас.
Земав збор во кој кажав дека е нелогично да прогласуваме исчезнато лица за мртви кои не се пронајдени само 8-9 часа.
Кажав дека или има нешто што ние или барем јас не го знам а можеби некој го знае, или нешто не е во ред со луѓето кои тоа го сугерирале, а уште повеќе со нас кои тоа се подготвуваме да го прифатиме.

“Што ако се живи? “ прашав. “Што ако се повредени и се мачат да преживеат додека не стигнат спасувачки екипи?”Предложив дека треба и понатаму да се водат како исчезнати, но не и мртви, се додека не се пронајдат и не се констатира дека се мртви, доколку навистина се мртви.

Наместо прогласување за мртви, побарав државата да не чека други да ги бараат и да ги најдат, туку кога веќе тоа не го направила уште утрото, веднаш да испратиме во полна опрема огромни спасувачки екипи од војската, полицијата, спасувачките служби и други соодветни служби кои непрекидно да бараат на теренот додека не ги пронајдат.
Ми беше одговорено од Црвенковски дека веќе е темно, почнува ноќ, дека дури и силите кои работата на теренот ноќта ќе престаната да го бараат, и ќе продолжат рано изутрина. Дека временските услови се исклучителни лоши, дека треба време за подготовки за таков чекор, дека тоа не оди така брзо, и слични аргументи.

Настана расправија. Жестоко се спротиставив на овие аргументи. Кажав дека сигурен сум дека за два часа може да се мобилизираат жголем број специјалци од војската и полицијата, спасувачки екипи од соодветните институции на државата, веднаш да се обезбедат чартер авиони и дека за вакво нешто никој нема да може да одбие да даде согласност во БиХ да пристигнат наши сили на теренот, и дека заедно со авионскиот лет и превозот локално, со добра организација, за најмногу 4 часа поделени на неколку микро локации со осветлување на батерии и акумулатори, добро облечени и опремени ќе го истражуваат теренот цела ноќ. Дека треба да се искористат сите хеликоптери на нашата држава, да се упатат и теренски возила таму, односно да се направи брза и голема мобилизација со цел час поскоро да ги пронајдеме, бидејќи теориски гледано може да ги пронајдеме живи.
“Исчезнат е претседателот на државата и екипажот со него со државен авион во земја на околу малку повеќе од еден час лет со авион, а ние по десет часа ќе ги прогласиме за мртви и ќе одиме да спиеме и по преспана една ноќ ќе чекаме одкако ќе се раздени во земја која не е толку многу организирана други да ги бараат а ние цела држава, политички врв и јавноста да чекаме вести? Тоа е неприфатливо”, беше парафразирано кажано мојот став.

Настана една непријатна атмосфера. Јас само размислував со своја глава, а чувствував дека другите тежнеат да прифатат нечие туѓо размислување кое за мене беше многу нелогично и неприфатливо.
Некој дофрли ако Брисел ни сугерира да се спуштат знамињата на пола копје, и ако странските и домашните сили во Босна и Херцеговина се одкажуваат од ноќно трагање заради непристапност на теренот, ние ли ќе се правиме попаметни од нив?

Неможевме да се разбереме повеќе од еден час. Ниту тие, ниту јас одстапувавме од своите ставови. Не знаеја како да се справат со мене, очигледно неочекуван им беше мојот став и упорност.
На крајот Црвенковски одлучи да се гласа и бидејќи исходот од гласањето беше јасен, јас демонстративно ја напуштив седницата, дадов кратка изјава за медиумите и заминав во резиденцијата на претседателот Трајковски каде што беше неговото семејство и најблиски и кои исто така во отсуство на информација дека исчезнатите се пронајдени, сеуште живееја во надеж дека можеби се живи. Се најдов во средина во која исто размислуваме. Споделив за случувањата и расправата во советот за безбедност и никој од нас не можевме да разбереме зошто така се постапува како што таму се одлучи. Секако помисливме дека можеби има нешто што некој знае, а ние сеуште не, но одбивавме да го прифатиме тоа, особено што не можевме да најдеме логика во истото. Борис Трајковски беше во одлична релација со сите а особено со западните земји, и тоа ни ги отфрлаше сите логики дека нешто се знае и се крие, дека некој за нешто можеби купува време или слично.

Нешто подоцна можеби околу 20-21 часот кога се уште бев таму, пристигна еден амбасадор на една многу значајна држава, која ја сметаме за голем сојузник на Македонија. Седевме во дневната соба повеќемина од најблиските на претседателот Трајковски и дискутиравме.

Тој ги имаше истите аргументи како советот за безбедност во однос на препреките за пронаоѓање на исчезнатите, со тоа што уште подетално ни ја раскажа состојбата на теренот: мрак, темнина, големи, многу стрмни и тешко проодни планини, многу високо напластен снег низ кој тешко кој може да се пробие, густа вегетација, многу ладно, силен ветар кој коси, силна виулица, голема бура…

Објасни дека во текот на денот се правеле максимални напори да се пронајдат исчезнатите, но дека теренот бил многу непристапен, а временските услови катастрофални.
Дека населените места се многу далеку од реонот каде се сомневаат дека можеби е авионот.

Некаде околу 22-23 часот си заминав дома скршен и разочаран. Исцрпен и полн со незадоволство, гнев, нејаснотии и размислувања.

Утредента, не се сеќавам точно кога, но мислам дека беше претпладнето јавија дека авионот е пронајден и патниците и пилотите се мртви, изгорени до непрепознавање, па следеа постапки за идентификација итн.

Се објави и видео снимка во медиумите од местото на несреќата.
Немаше снег и беше сончево. Беше рамно а не помеѓу стрмни планини, барем оној дел кој се гледаше на снимката.
Можеби беше некоја висорамнина, но она што се виде на видео снимката, не соодветствуваше со кажаното претходно.
Немаше ни траг од бури, виулици, висок снег, непрооден и недостапен терен, високи стрмни планини, бујна вегетација, а брзо потоа излегоа и изјави од жители на блиско село околу два километри од местото каде паднал авионот, кои ги слушнале звуците и татнежот на падот и експлозијата на авионот.
Се беше поинаку од кажаното на 26 февруари 2004 година.

Добро, теоретски е можно времето нагло да се променило и затоплило до степен да целосно се стопил снегот, да запреле бурите и виулиците, да огреало сонце. Но, теоретски…
Имаше и долга истрага за причините за падот на авионот која ја водеше стручна комисија од Македонија и од БиХ, која подоцна реферираше и пред владата која ја раководев и чии исход од работата е објавен и познат.

Сепак за мене ќе остане мистерија зошто пронаоѓањето на телата на загинатите траеше подолго од 24 часа, зошто ни беа кажани неколку работи кои подоцна видливо се покажаа за не вистинити. Зошто на не пронајдени мртви тела и паднат авион, или барем не официјално, државниот врв само после 8-9 часа одлучи да се спуштат знамињата во целата држава на половина копје.

Не ја исклучувам можноста дека и на оние кои така ни говореа на тој кобен ден, некој така да им кажал и да поверувале во тоа. Но, зошто така им говореле? Дали нешто знаеле ден пред да соопштат? Ако знаеле зошто им требале 24 часа за да го соопштат тоа. Ако пак не знаеле, зошто толку се брзаше со прогласување на исчезнатите за мртви?
Нема да набројувам претпоставки, тоа би било шпекулирање. Имаше такви повеќе во тоа време. Можеби некогаш ќе ги добиеме одговорите и вистината, а можеби и не.
Сепак, од тој 26. февруари 2004 година останаа некои неразјаснети работи за мене.

Нека почива во мир и нека му е вечна славата на претседателот Борис Трајковски.

Неговиот ведар дух, неговите зборови и мисли, неговата верба во Бог, неговата непосредност, способност за брзо градење лични релации и пријателства со сите во меѓународната и домашна политика и напорите кои ги правеше Македонија да се придвижи напред ќе ни останат во вечно сеќавање.

Пронајдете не на следниве мрежи: