Академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје ќе настапи во Центарот за култура во Тетово


Со концертот „75 години хорска љубов“ на академскиот хор „Мирче Ацев“ од Скопје, Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“-Тетово почнува реализација на годишна културна програма поддржана од Министерството за култура. Концертот на академскиот хор ќе се одржи в сабота, 2 март со почеток во 19 часот.

– Академскиот хор ни гостува по пауза од над десетина години. Сметаме дека ќе биде голем спектакл за градот, со оглед на капацитетот на хорот и диригентката Јасмина Ѓорѓевска. Академскиот хор ќе соработува со овдешните уметници, односно ќе настапи и детскиот хор при Државното музичко училиште „Тодор Скаловски-Тетоец“ на диригентката Фотини Георгиадис – Кировска и пијано придружба, изјави директорот на Центарот за култура Вулнет Фејзулахи.

Хорот „Мирче Ацев“ ќе има 90-минутен концерт со изведба на десетина композиции од македонски автори, меѓународни нумери и музички хитови. Дел од програмата ќе биде македонска премиерна изведба на Psalm Burtnica.

Во текот на годината Центарот за култура во рамки на годишната програма ќе понуди настани од повеќе културни области.

– Годинава ќе настапат голем број локални и странски уметници. По поголема пауза од десетина години ќе има концерт тетовската рок група Елита 5, ќе има неколку драмски претстави, самостојни и колективни изложби, графичка колонија, концерти и настапи на фолклорни друштва и слично, информираше директорот.

Дел од активностите во рамки на годишната програма ќе се однесуваат и на реконструкција на објект. Предвидено е исправка на театарски чиги (механизам) во големата сала, снабдување со клима уреди и тековно одржување на противпожарни апарати.

Пронајдете не на следниве мрежи: