Според Бајден, „во денешната Републиканска партија каде малкумина се осмелуваат да ја зборуваат вистината за Доналд Трамп, Ники Хејли беше спремна да ја зборува вистината за Трамп – за хаосот кој секогаш доаѓа со него, за неговата неспособност да го разликува доброто од злото, за неговиот кукавичлук пред Владимир Путин“
Претседателот на САД Џо Бајден, откако Ники Хејли одлучи да ја напушти трката за претседателски кандидат од Републиканската партија, ги повика нејзините поддржувачи да се придружат на неговата кампања.
„Доналд Трамп даде до знаење дека не му се потребни поддржувачите на Ники Хејли. Сакам отворено да изјавам дека за нив има место во мојата кампања. Знам дека имаме различни гледишта. Но по фундаменталните прашања за зачувување на американската демократија, одбрана на владеењето на правото, меѓусебните односи, пристојноста, достоинството и почитувањето, како и зачувувањето на НАТО и спротивставувањето на непријателите на Америка, се надевам и верувам дека можеме да најдеме заеднички јазик“,
се вели во изјавата на Бајден објавена денеска.
Според Бајден, „во денешната Републиканска партија каде малкумина се осмелуваат да ја зборуваат вистината за Доналд Трамп, Ники Хејли беше спремна да ја зборува вистината за Трамп – за хаосот кој секогаш доаѓа со него, за неговата неспособност да го разликува доброто од злото, за неговиот кукавичлук пред Владимир Путин“.
„Сите знаеме дека ова се необични избори. И влогот за Америка не може да биде повисок. Знам дека демократите, републиканците и независните имаат различни гледишта по многу прашања и тврдо стојат зад своето мнение. Тоа е добро. Тоа е тоа за што постои Америка. Но знам и нешто друго: тоа што ги обединува демократите, републиканците и независните, тоа е љубовта кон Америка“,
се вели во изјавата на американскиот претседател.
Претходно денеска, поранешната гувернерка на Јужна Каролина, Ники Хејли, ја прекина кампањата за претседателска номинација на Републиканската партија, оставајќи го Трамп како единствен кандидат на Републиканската партија. Додека, кај демократите, покрај актуелниот претседател Џо Бајден, во трка сè уште се Маријен Вилијамсон и Дин Филипс.
И републиканскиот кандидат за претседател на САД, Доналд Трамп, денеска ги повика сите приврзаници на Ники Хејли, да го поддржат на ноемвриските избори.
„Би сакал да ги поканам сите поддржувачи на Хејли да се приклучат на најголемото движење во историјата на нашата нација. Бајден е непријател. Тој ја уништува нашата држава“,
објави Трамп на својата социјална мрежа Трутсоушл (TruthSocial).