Запрена државната помош за компанијата која треба да гради фабрика за е-автомобили во Тетово

Запирањето на доделувањето државна помош следува по добиени јавно достапни информации за поднесено барање за несолвентност на компанијата „мајка“ во СР Германија, соопштија од Дирекцијата за ТИРЗ од каде што додаваат дека досега не се доделени никакви средства на компанијата  

Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ) денеска соопшти дека го запира извршувањето на договорот за доделување државни пари на компанијата која треба да изгради фабрика за еколошки автомобили во Технолошко-индустриската развојна зона во Тетово.  

Технолошко-индустриската развојна зона Тетово / Фото: „360 степени“ (Архива)

Станува збор за мултимилионски проект кој Владата го најави уште во август 2022 година, како германска инвестиција во земјава.  

Запирањето на државната помош за компанијата, според соопштението објавено на официјалната веб-страница на Дирекацијата за ТИРЗ, доаѓа откако компанијата „мајка“ во Сојузна Република Германија поднела барање за несолвентност.  

„Дирекцијата за ТИРЗ како застапник на Владата во Договорот за доделување на државна помош со компанијата ‘е.Го’ информира дека се запира извршувањето на Договорот и секоја постапка предвидена за доделување на јавни средства. Запирањето на доделувањето на државна помош следи по добиени јавно достапни информации за поднесено барање за несолвентност на компанијата ‘мајка’ во СР Германија. Барањето е поднесено пред надлежните судови во оваа земја. Со ова, Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата ги активира заштитните механизми во потпишаниот договор, кои ги предвидуваат и овие околности (стечај, ликвидација), како предуслов за запирање на доделување на државна помош“,

се наведува во соопштението на Дирекцијата за ТИРЗ.  

Оттаму велат дека и покрај доставените барања од страна на инвеститорот, досега не се доделени никакви средства на компанијата.  

„За сите понатамошни чекори поврзани со овој проект и натамошните активности околу евентуалната реализација, Дирекцијата за ТИРЗ, како застапник на Владата во овој договор, како и досега, ќе дејствува целосно во заштита на јавниот интерес и навремено ќе достави информации“,  

велат од Дирекцијата за ТИРЗ.

Еден од моделите на е-автомобили на компанијата „Е-го“ / Фото: Википедија

Веста дека во тетовската Технолошко-индустриска зона ќе се гради фабрика за производство на електрични возила одекна на 11 август 2022 година, а преку објава на Фејсбук ја сподели тогашниот прв вицепремиер Артан Груби. Тој, по седница на Владата информира дека била донесена одлука државата да инвестира 130 милиони евра. Инвестицијата дополнително помпезно беше најавена и на одбележувањето на годишнината од Рамковниот договор истата година.

Беше поставен и камен-темелник за изградба на фабриката, но во меѓувреме работите застанаа, а од Владата како причина наведуваа разни околности.  

Камен-темелник на „Е.го“ во Технолошката индустриска развојна зона Тетово / Фото: „360 степени“ (Архива)

Од Владата тогаш најавија дека мултимилионската инвестиција од „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“, Ахен, Германија во ТИРЗ Тетово ќе отвори 3–4 000 нови работни места. 

Во април минатата година, „360 степени“ објави дека на локацијата не се изведуваат градежни работи. Тогаш се обративме и до фирмата „Еколог“, која е локалниот партнер на инвеститорот, германската компанија „Е-го“. Но, тогаш оттаму немаше одговор на прашањата – зошто доцни стартот, дали инвестицијата е одложена и кога ќе почне градбата и производството. 

Пронајдете не на следниве мрежи: