Правата на жените не се за преговарање, порачаа учесниците на маршот по повод 8 Март

Организаторите порачаа дека оваа година маршираат и за солидарност со жените во Газа. Како слоган ова го скандираа неколкупати, а можеше да се види и како порака на десетина транспаренти, пренесе РСЕ

Под слоганот „Црвена линија: Правата на жените не се за преговарање!“ вечерва во Скопје се одржа марш за женските права по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март. 

Од маршот во Скопје по повод Меѓународниот ден на жената – 8 Март / Фото: МИА

„Жени, живот, слобода“, „Доста се кратат правата на жените Ромки“, „За нула девојки омаѓени под притисок“ и „Платен домашен труд“, беа дел од пораките кои можеа да се слушант и да се прочитаат на транспарентите што ги носеа учесниците во маршот, испишани на македонски, албански и англиски јазик.  

Маршот, кој го организира Палтформата за родова еднаквост, која опфаќа повеќе невладини организации, започна од плоштадот „Скендербег“, а заврши во паркот „Жена борец“ спроти Собранието. Учесниците, попат, поминаа и пред зградата на Владата, каде, како и пред парламентот, оставија црвено платно, кое според нив, ја симболизира црвената линија дека за женските права нема преговарање.  

Од маршот учесниците упатија осум барања или црвени линии, како што рекоа, од кои дел се однесуваат на неограничен пристап на жените од безбеден и легален медицински абортус во секоја општина, за еднакви плати меѓу мажите и жените, како и за постапување на институции задолжени за превенирање и заштита од родово базирано насилство.  

Дел од учесниците во осмомартовскиот марш во Скопје / Фото: МИА

На листата барања, кои учесниците ги упатија од крајната дестинација на маршот, се најдоа и еднаква застапеност на жените на позициите на моќ како во институциите, така и во приватниот сектор, потоа решавање на статусот на работничките во културата и пристап до платено продилно отсуство и боледување за жените земјоделки.  

Според организаторите на маршот, овие црвени лини не се само барања, туку и патоказ за мерки коишто можат водат кон напредок.  

„Денешниот марш е за еднаквост и рамноправност кон сите жени, за еднакви плати и еднакви можности за врботување, за подобри здравствени услуги, за општество во коешто нема да се негува култура на насилство врз жените“,

рече Ана Аврамовска-Нушкова од Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство.  

Според Тања Иванова од невладината „Реактор – Истражување во акција“, правата на жените не се за преговарање, туку се дел од човековите права.  

„Борбата не е завршена, има уште многу работа за да стигнеме до еднакви права и треба сите здружено, заеднички и граѓанскиот сектор и институциите и луѓето коишто ги претставуваме заеднички, пред сѐ да работиме на менување на свеста, за да дојдеме до општествена трансформација која потоа би ни дозволила секој подеднакво да ги ужива сите права во ова општество“,

рече Иванова.

Од маршот повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената / Фото: МИА

Организаторите, како што пренесе РСЕ, порачаа дека оваа година маршираат и за солидарност со жените во Газа. Ова како слоган го скандираа неколкупати, а можеше да се види и како порака на десетина транспаренти.  

Инаку, ова е осма година во организација на невладиниот сектор да се маршира за женските права во земјава, на денот кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност – 8 Март.  

Пронајдете не на следниве мрежи: