Европски плати, поддршка за младите, достоинствен живот за пензионерите

Првите два столба од партиската програма на СДСМ – европски плати и животен стандард и достоинствен живот за пензионерите – се однесуваат на платите и пензиите кои, како што рече Ковачевски, во наредните четири години би достигнале ниво од 1 100 евра просечна плата, минимална плата од 600 евра, просечна пензија 30 илјади денари и минимална пензија 20 илјади денари

Европски плати и животен стандард, поддршка за младите и достоинствен живот за пензионерите, европско образование, силна домашна економија и модерна европска инфраструктура. Ова се дел од главните столбови на СДСМ во изборната програма кои вчерва на 28. конгрес на партијата ги сподели лидерот Димитар Ковачевски.

Од вечерашниот 28. конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија

Изборната програма на СДСМ, како што информираше Ковачевски, опфаќа повеќе од 250 страници и во неа е предвидено завршување на преговорите на земјава со Европската Унија до 2028 година.

„Завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2030 година. Заедно тоа ќе го направиме. Програмата е детална, конкретна и содржи голем број мерки во сите области и за сите граѓани – за младите, пензионерите, земјоделците, бизнисите и работниците, лицата со попреченост, жените, мажите, Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Бошњаците – буквално сите кои живеат во нашата Македонија“,

рече Ковачевски на вечерашниот конгрес на СДСМ.

Говорејќи во насока на програмските определби на СДСМ, Ковачевски се осврна на десетте главни столба во изборната програма за кои партијата ќе ја бара поддршката и довербата од граѓаните на претстојните избори.

Од вечерашниот 28. конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија

Првите два столба од партиската програма на СДСМ – европски плати и животен стандард и достоинствен живот за пензионерите – се однесуваат на платите и пензиите кои, како што рече Ковачевски, во наредните четири години би достигнале ниво од 1 100 евра просечна плата, минимална плата од 600 евра, просечна пензија 30 илјади денари и минимална пензија 20 илјади денари.

„Плус, од оваа година, па секоја наредна ќе има новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер“,

рече лидерот на СДСМ.

Во однос на програмската определба која се однесува на поддршка на младите, Ковачевски кажа дека во првите 12 месеци ќе се обезбедуваат по 200 евра месечно за секое прво вработување на лица до 26 години.

Говорејќи за програмската определба за силна домашна економија, како што рече Ковачевски, ќе се обезбедат 180 милиони евра директна финансиска поддршка на домашните компании за инвестиции во производство, а оти се предвидуваат 3,5 милијарди евра јавни капитални инвестиции.

Инвестиција од 2,7 милиони евра Ковачевски најави и во поглед на инфраструктурните проекти, односно, како што рече, тоа значи 194 километри изградени автопати до 2028 година и реконструирани 950 километри патишта.

Од вечерашниот 28. конгрес на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија

Зборувајќи за плановите во земјоделството, лидерот на СДСМ истакна дека со новата програма се обезбедуваат уште поголеми субвенции и поддршка за земјоделци од 750 милиони евра. Воедно, проекциите на партијата се дека до 2028 година земјава повеќе би извезувала отколку што би увезувала храна, а извозот на земјоделски производи, според проекциите на СДСМ, ќе биде 1,25 милијарди евра.

Во поглед на образованието, Ковачевски кажа дека еден од проектите е бесплатен оброк за учениците во основните и средните училишта за оние кои се од семејства кои имаат по две просечни плати во семејството, како и бесплатен јавен превоз за учениците по истиот принцип.

„Осмиот столб е чиста енергија и поевтина струја – предвидуваме зголемување на вкупното домашно производство на енергија за најмалку 70 отсто до 2028 во однос на 2019 година. Енергетска независност и самостојност со која ќе ги задоволиме 100 проценти од сопствените потреби. Проширувањето на домашните енергетски капацитети ќе влијае на намалување на цените на струјата“,

рече Ковачевски.

Говорејќи за европските фондови за македонската економија, како деветти столб на програмата за избори на СДСМ, партискиот лидер посочи дека со отворањето на поглавјата земјава ќе обезбеди дополнителни фондови за зајакнување на економијата и за повеќе знаења и стручност. 

Десеттиот столб, како што нагласи Ковачевски, е заедничко чекорење кон Европа кое, како што рече, според целите на СДСМ предвидува завршување на преговорите со ЕУ до 2028 година и членство до 2023 година. 

„Заедно тоа ќе го направиме. Нема откажување од иднината“,

посочи Ковачевски.

Освен што ги претстави десетте главни столба на партиската програма, лидерот на СДСМ вечерва на 28. конгрес официјално ги објави и имињата на носителите и коносителите на пратеничките листи на Социјалдемократскиот сојуз и коалицијата во шесте изборни единици.

Пронајдете не на следниве мрежи: