ЕУ, САД и НАТО со осуда за нападот во Москва

Во реакцијата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен објавена на социјалната мрежа Икс се вели дека Соединетите Американски Држави остро го осудуваат терористичкиот напад во Москва и се солидаризираат со рускиот народ во тагувањето

Европската Унија (ЕУ), Соединетите Американски Држави (САД), НАТО, како и лидери на повеќе европски земји го осудија вчерашниот терористичкиот напад во концертната сала „Крокус сити хол“ во северозападна Москва, а во кој, според последните информации, загинаа 143 лица.

Меѓународната заедница мора да остане цврсто обединета против злото на тероризмот – порача во објава на социјалната мрежа Икс високиот претставник на Европската Унија (ЕУ) за надворешна политика, Жозеп Борел.

Жозеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика

„Најостро го осудувам грозоморниот напад извршен во Москва. Тероризмот повторно таргетираше беспомошни луѓе. Меѓународната заедница мора да остане цврсто обединета против злото на тероризмот“,

пишува Борел во објавата на социјалната мрежа Икс.

Осуда за синоќешниот напад во Москва стигна и од шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Урсула фон дер Лајен, претседателка на Европската комисија

„Силно го осудувам терористичкиот напад врз цивили во ‘Крокус сити хол’ во Москва за кој одговорноста ја презеде ‘Исламската држава’. Моите мисли се со жртвите и нивните семејства во овој трагичен период“,

пишува Фон дер Лајен во објава на Икс.

Солидарност со рускиот народ по вчерашниот напад во Москва изразија и Соединетите Американски Држави.

Ентони Блинкен, државен секретар на САД

Во реакцијата на американскиот државен секретар Ентони Блинкен објавена на социјалната мрежа Икс се вели:

„Соединетите Американски Држави остро го осудуваат терористичкиот напад во Москва на 22 март. Се солидаризираме со народот на Русија во тагувањето за загубата на животи по овој ужасен настан.“

За вчерашниот терористички напад во Москва осуда упати и портпаролката на НАТО, Фарах Дерала, посочувајќи оти ништо не може да ги оправда ваквите злосторства.

„Недвосмислено ги осудуваме нападите насочени кон концертот во Москва. Ништо не може да ги оправда ваквите грозоморни злосторства. Нашето најдлабоко сочувство до жртвите и нивните семејства“,

стои во објавата на портпаролката на НАТО, Фарах Дерала.

Меѓу останатите светски лидери кои упатија осуда за терористичкиот напад во Москва, тоа го сторија и францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц.

„Франција најостро го осудува терористичкиот напад во Москва за кој одговорноста ја презеде Исламската држава. Солидарност со семејствата на жртвите, повредените и рускиот народ“,

наведува Макрон во реакцијата.

Германскиот канцелар Олаф Шолц, пак, во објава на социјалните мрежи порача дека Германија го осудува „страшниот терористички напад врз невините посетители на концертот во Москва, а оти нивните мисли се со семејствата на жртвите и сите повредени“.

Според последните информации, во вчерашниот терористичкиот напад на концертната салата „Крокус сити хол“ во Москва загинале 143 лица, но се стравува дека бројката ќе се зголемува. Поради терористичкиот напад утре во Русија ќе биде прогласен ден на жалост.

Пронајдете не на следниве мрежи: