Ако Ангелов ја почнал постапката за излегување од коалиција со СДСМ, ќе биде разрешен од директорското место во ЦУК, вели Џафери

Причината за ваквата одлука, како што пишува Ангелов во објавата на својот фејсбук-профил, се неисполнетите барања и очекувања на неговата партија за обесштетување на десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители од конфликтот во 2001 година

Откако вчера Стојанче Ангелов, лидерот на партијата Достоинство и директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК) најави дека неговата партија излегува од коалицијата предводена од СДСМ, техничкиот премиер Талат Џафери денеска најави дека утре ќе разговара на оваа тема со Ангелов.

Фото: Принтскрин

„Ако јавно најавил дека не стои зад владината програма, од формален аспект како премиер ќе започнам одредени постапки во однос на кадровското решение, односно ќе донесам и соодветна одлука. Тоа што го кажал на телевизија не е започнување на постапка, но утре јас директно ќе комуницирам со него. Ако така одлучил, тогаш ќе заврши со разрешување, оти нема друг начин. Бидејќи сме во изборен период, тоа треба да го реши друг орган“,

вели Џафери.

Најавата за излегување на Достоинство од коалицијата ја коментираше и лидерот на ДИУ Али Ахмети, кој не даде коментар околу негово разрешување, туку само рече дека иницијативата не е проблематична.

Причината за ваквата одлука, како што пишува Ангелов во објавата на својот фејсбук-профил, се неисполнетите барања и очекувања на неговата партија за обесштетување на десетина воени инвалиди и петнаесетина семејства на загинати бранители од конфликтот во 2001 година.

„Иницијативите на Достоинство поднесени до Владата и Собранието, со кои нудевме решение на овој апсурден проблем, добиваа постојана поддршка од страна на премиерот Димитар Ковачевски и министерката за одбрана Славјанка Петровска, но поради противењето на ДУИ истите не поминаа. Секако дека проблемот со необесштетените воени инвалиди и семејства на загинатите бранители не е единствената причина поради која излегуваме од коалицијата предводена од СДСМ, но поради политичка коректност во овој момент немам намера да навлегувам во понатамошни објаснувања“,

пишува, меѓу другото, Стојанче Ангелов во објавата на Фејсбук.

Лидерот на Достоинство додава и дека за ваквата одлука благовремено го известил врвот на СДСМ и се заблагодарил за досегашната политичка соработка и за неговото назначување на чело на ЦУК. Воедно, на генералниот секретар и на лидерот на СДСМ им предложил да понуди оставка од директорската позиција во Центарот за управување со кризи, но, како што вели, тоа не било прифатено од нивна страна, што значи дека останува на чело на ЦУК до формирањето на следната политичка влада.

Освен за излегување од коалицијата со СДСМ, Ангелов информира дека раководството на Достоинство минатата недела донело едногласна одлука за прифаќање на можноста за коалицирање со ВМРО-ДПМНЕ. Говорејќи во оваа насока, Ангелов вели дека се на добар пат за реализирање на некои од нивните барања.

На крајот од фејсбук-објавата, Ангелов посочува оти партијата Достоинство, од своето формирање во 2007 г. па до денес, никогаш не менува страна туку, како што вели, останува на страната на македонските бранители од 2001 година.

Ангелов денеска во изјава за Канал 5 рече дека ако биде разрешен ќе се врати на неговото претходно работно место во М-НАВ.

Пронајдете не на следниве мрежи: