Истрагата е во напредна фаза, испитавме повеќе од 15 лица, прегледавме и камери


Матичните лекари денеска од 12 до 16 часот привремено ги затворија своите ординации во знак на револт, но истовремено и почит кон нивниот 67-годишен колега

Истрагата е во напредна фаза, но сè уште се трага по убиецот на 67-годишниот доктор кој во четвртокот доцна вечерта беше пронајден убиен во близина на поликлиниката „Железара“, каде што имал приватна ординација под концесија. Ова денеска за ТВ Телма го изјавиле од Министерството за внатрешни работи (МВР) посочувајќи дека изминатите денови биле извршени службени разговори со повеќе од 15 лица, а прегледани се и 40 камери, вклучувајќи ги камерите на „Безбеден град“.

Местото каде што бил убиен 67-годишниот лекар / Фото: „360 степени“ (Архива)

Од МВР денеска велат дека се врши допоплнителна криминалистичко-техничка обработка на возилото, а се обезбедуваат и листинзи од телефонските броеви и се врши нивна анализа.

„Истрагата е во напредна фаза. Единицата за насилен криминал при СВР Скопје заедно со ОЈО интензивно работат на расчистување на случајот“,

велат од МВР.

Шеесет и седумгодишниот матичен лекар А. К. беше пронајден избоден до смрт во четвртокот доцна вечерта во неговиот автомобил „киа“ паркиран во близина на поликлиниката „Железара“. Неговото безживотно тело, како што информираа од Министерството за внатрешни работи и од републичкото Јавно обвинителство, го нашле членови на неговото потесно семејство кои тргнале да го бараат откако не се вратил дома од работа.

Засега нема осомничено лице за свирепото убиство, а не се познати ниту мотивите и околностите за грозоморниот чин.

Матичните лекари денеска од 12 до 16 часот привремено ги затворија своите ординации во знак на револт, но истовремено и почит кон нивниот 67-годишен колега.

Претседателката на Здружението на приватни матични лекари, Лилија Чолакова-Дервишова, во изјава за новинарите информира за денешниот, условно кажано, протест истовремено порачувајќи дека бараат да разговараат со надлежните за нови закони што ќе значат посилна заштита на здравствениот кадар.   

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: