Се трага по шестмина работници по уривањето на мостот во Балтимор – две лица извлечени, од кои едно во тешка состојба

Гувернерот на Мериленд, Вес Мур изјавил дека пред да удри во столбот на мостот, екипажот испратил известување до надлежните дека откажал погонот на бродот и дека е вон контрола. Според него, предупредувањето и брзата интервенција на надлежните служби кои го запреле сообраќајот на мостот, спасиле животи и спречиле поголема катастрофа 

Спасувачките екипи во Балтимор трагаат по најмалку шест лица кои паднале во реката Патапско откако голем товарен брод рано утрово удри во еден од носечките столбови на мостот „Френсис Скот Ки“, што предизвика рушење на мостот, пренесува Си-ен-ен. 

Спасувачки екипи на брегот на реката Патапско по уривањето на местот во кој удри голем товарен брод / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Шесте лица, според секретарот за транспорт на сојузната држава Мериленд, Пол Џ. Вајдфилд, биле дел од градежна екипа која била ангажирана за поправка на мостот. 

Од студената река Патапско спасувачите успеале да извлечат две лица. Кај едното од нив не биле констатирани повреди, додека другото било пренесено во болница во многу тешка состојба, изјавил началникот на противпожарната служба на Балтимор, Џејмс Валас.  

Според гувернерот на Мериленд, Вес Мур, пред да удри во столбот на мостот, екипажот испратил известување до надлежните дека откажал погонот на бродот и дека е вон контрола. 

Предупредувањето, рекол Мур, највероајтно спасило животи и спречило поголема катастрофа. 

„Благодарни сме што помеѓу повикот за помош и колапсот (на мостот) имавме службеници кои беа во можност да почнат да го запираат протокот на сообраќај, така што немаше повеќе автомобили на мостот“,

ја пренесува Си-ен-ен изјавата на Мур, кој ги нарекол херои службениците што работеле на расчистување на мостот. 

Телевизијата објави и дел од радиокомуникацијата меѓу службениците, 

„Ми треба еден од твоите луѓе на јужната страна и еден на северната страна да го запре целиот сообраќај на мостот Ки. Се приближува брод кој штотуку го загубил управувањето, па додека не го ставиме под контрола, мора да го запреме целиот сообраќај“,

вели едно лице преку радиоврската.  

Во моментот кога мостот се урива друго лице на линијата вели: 

„Целиот мост само што се урна. Започнете, започнете кој и да… сите. Целиот мост само што се урна…“ 

Мостот „Френсис Скот Ки“ и товарниот брод кој удри во него / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Се верува дека при уривањето на мостот во реката завршиле неколку возила, од кои едно поголемо, изјави претходно денеска портпаролот на противпожарната служба на градот Балтимор. 

Во пребарувањето на реката спасувачките екипи користат софистицирана инфрацрвена и сонарна технологија. Според локалните власти, ангажирани се осум нуркачки тимови составени од по околу 50 нуркачи.  

Спасувачките екипи се подготвуваат да тргнат во потрага по исчезнати лица и возилата за кои се верува дека паднале во реката по уривањето на мостот / Фото: EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Засега нема информации за можни настрадани лица кои биле во возила на мостот во моментот на несреќата.  

Американскиот претседател Џо Бајден во изјава за новинарите во врска со инцидентот, рече дека станува збор за страшна несреќа. Тој нагласи дека според извештаите на безбедносните агенции не станува збор за намерен инцидент.  

„Досега сè укажува дека станува збор за страшна несреќа. Засега немаме други индикации. Нема причина да се верува дека се работи за некаков намерен чин“,

рече Бајден. 

Тој нагласи дека напорите за пребарување и спасување остануваат главен приоритет, бидејќи шест луѓе и натаму се водат како исчезнати, додавајќи дека неговите мисли се со семејствата кои чекаат да слушнат за своите најблиски.

„Ние сме со вас. Ќе останеме со вас онолку долго колку што е потребно“,

рече американскиот претседател.  

Од прес-конференцијата на американскиот претседател Џо Бајден во врска со уривањето на мостот во Балтимор / Фото: EPA-EFE/SAMUEL CORUM / POOL

Бајден изјави дека ќе побара од федералната влада да ги плати сите трошоци за реконструкција на мостот.   

Тој додаде дека планира да отпатува за Балтимор колку што може побрзо, без да сподели повеќе детали за тоа.  

На прашањето дали компанијата на бродот треба да ги покрие трошоците за поправка на мостот, Бајден рече дека нема „да чека тоа да се случи“. 

Пронајдете не на следниве мрежи: