Зијадин Села судски ги доби печатите на Алијанса за Албанците, Таравари најавува жалба

„Судот одлучи дека нашето барање за регистрација на Зијадин Села за претседател на Алијансата за Албанците е прифатено. Со оваа одлука се известени сите странки и сега и официјално претседател на АА е Зијадин Села“, велат од партијата

Зијадин Села ги доби печатите на Алијансата за Албанците со што и официјално е претседател на АА, потврдуваат за „360 степени“ од партијата.

Одлуката е донесена во Основниот суд во Тетово каде беше поведена постапка за да се одлучи кој ќе има право да ја води Алијанса за Албанците, откако настана поделба на две крила, едното на Зијадин Села и другото на Арбен Таравари.

„Судот одлучи дека нашето барање за регистрација на Зијадин Села за претседател на Алијансата за Албанците е прифатено. Со оваа одлука се известени сите странки и сега и официјално претседател на АА е Зијадин Села“,

велат од службата за односи со јавност на партијата.

За ваквата одлука на тетовскиот суд, на својот фејсбук-профил со коментар се огласи Арбен Таравари.

„Велат денес ги добиле печатите на Алијансата за да им ги дадат на ДУИ. Дури и ако е точно ќе се жалиме, но дури и ако ги земат со заробениот систем што го имаат, имам прашање… што е со народот?! Народот не може да го освои со ниту еден суд! Промената започна и нема печат што ќе ја запира!“,

напиша Таравари.

Алијанса за Албанците доживеа раскол откако лидерот Арбен Таравари ги повика партиските тела да го поддржат во одлуката за заеднички изборен настап со опозициските партии на Албанците. На ваквиот повик се спротивстави Зијадин Села од позиција на претседател на Централното собрание со ставот дека партиските тела веќе донеле одлука Алијанса за Албанците да оди сама на претстојните избори.

По расколот, Арбен Таравари и опозициските партии на Албанците ја потврдија коалицијата и потпишаа декларација за обединување на претстојните избори. Таравари е и претседателски кандидат поддржан од оваа коалиција здружени во „Вреди“.

Крилото на Алијанса за Албанците (АА) предводено од Зијадин Села, на минатонеделната седница на Централното собрание на партијата, донесе одлука на претстојните избори да се приклучи на „Европскиот фронт“ предводен од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Во саботата, пак, Зијадин Села и лидеот на ДУИ, Али Ахмети го официјализираа заедничкиот настап на парламентарните избори и ги ставија потписите на коалицискиот договор.

Зијадин Села од Алијанса за Албанците (АА) ќе биде носител на пратеничката листа во петтата изборна единица како дел од коалицијата „Европски фронт“ предводена од Демократската унија за интеграција (ДУИ).

Пронајдете не на следниве мрежи: