Ќе продолжам да ги третирам сите граѓани еднакво и да ги критикувам криминалот и корупцијата

Пендаровски пред симпатизерите и поддржувачите најави дека ако ја добие довербата и во следните години ќе продолжи да работи за плата, а не за проценти, ќе ги третира сите граѓани на еднаков начин, независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат, ќе соработува со младите и ќе продолжи да го критикува криминалот и високата корупција на бил кој во државата, вклучувајќи ги и оние кои го поддржале и гласале за него

Со тапани беше најавено влегувањето на претседателскиот кандидат и актуелен шеф на државата Стево Пендаровски пред преполната спортска сала „Борис Трајковски“ во Скопје на изборната конвенција. Во придружба на сопругата Елизабета и синот, попатно поздравувајќи се и фотографирајќи се со симпатизерите, Пендаровски се упати кон своето место во салата каде ја слушаше државната химна во изведба на Весна Гиновска-Илкова.

По претставувањето на видео-бим на изјави од граѓани и познати личности кои го поддржуваат, пред присутните во салата се обрати лидерот на СДСМ Димитар Ковачевски, чија партија застана зад кандидатурата на Пендаровски за претседателските избори.

Пред останатите говорници, на сцената се појави Тијана Дапчевиќ, која го изведе познатиот хит „Инјесме“ од Тото Кутуњо со познатиот стих „обедини се Европо“.

Несрин Таир, актерка во националниот турски театар, композиторот и рок-музичар Ристо Вртев, пистелот Рамадан Рамадани, беа говорниците кои ги истакнаа своите ставови зошто Стево Пендаровски треба да е претседател.

„Кога јас би правел фотороботот, како изгледа современ, храбар, одговорен, решителен човек, кандидат за претседател, тоа би бил секако Стево Пендаровски“,

рече Вртев.

Елизабета Ѓорѓиевска, сопругата на Стево, со емоции говореше како со синот на 27 април, кога беше упадот во Собранието, гледајќи на телевизија се молеле само да се врати дома здрав и жив.

Ѓорѓиевска во обраќањето говореше за активностите на Пендаровски во досегашниот претседателски мандат и го претстави како човек кој секогаш е подготвен да им помогне на послабите, оние со помалку можности, маргинализираните.

На крајот од нејзиното обраќање, Пендаровски ја пречека пред бината и кренувајќи ја со една рака се упатија кон своите места во салата.

Пендаровски ги откри двата клучни приоритети

И додека на видео-бимот се прикажуваа фотографии од активностите на претседаталот во изминатите пет години, на сцената се појави Пендаровски кој беше претставен како кандидатот на граѓаните.

Пендаровски пред симпатизерите и поддржувачите најави дека ако ја добие довербата и во следните години ќе продолжи да работи за плата, а не за проценти, ќе ги третира сите граѓани на еднаков начин, независно на кој народ му припаѓаат или за која партија гласаат, ќе соработува со младите и ќе продолжи да го критикува криминалот и високата корупција на бил кој во државата, вклучувајќи ги и оние кои го поддржале и гласале за него. 

„Македонија е можна како демократска и просперитетна држава само ако ги одржува витални двата стратешки континуитети – евроатланските интеграции и меѓуетничките односи. Нашиот политички континуитет во оваа смисла е познат, а нивниот е контиунирано одбивање на компромиси кои неспорно го чуваат нашето национално достоинство – нашиот јазик и нашиот идентитет“,

рече Пендаровски.

Актуелниот шеф на државата рече и дека опозицијата нема донесено ниту една стратешка одлука за земјата затоа што, како што посочи, преку носењето на стратешки одлуки се остваруваат националните интереси на долг рок, но на краток рок се губи рејтингот, а со популистички одлуки се чуваат фотелјите и парите, но не и интересите на државата и граѓаните. 

Посочи дека наместо договорот од Преспа, опозицијата нудела и нуди негово поништување, а како алтернативи предлагаат изолација или зачленување во БРИКС, организација  во која нема ниту една европска држава, а еден од основачите е Русија.

„Пред три години кога со сите сили кои ни се на располагање работевме на модификација на Францускиот предлог, имавме тешки расправии со Софија за зачувувње на македонскиот јазик и идентитет, опозицијата отворено ги саботираше тие напори, а некои европски комесари, нивните стратешки сојузници, и тогаш и денес, кои им ја работат изборната програма, беа отворено на бугарска страна. На крајот од само за нив познати причини ги повикаа граѓаните на бојкот поради што 130 илјади Македонци во земјата и кој знае уште колку во дијаспората воопшто не се попишаа“,

додаде Пендаровски.

Рече дека поддржува ветинг на судиите и политичарите и дека сите оние што згрешиле, треба да бидат разрешени од функциите, а не да делат правда или да конкурираат за политички функции. 

Додаде дека го поддржува предлогот на опозицијата за ветинг на функционерите, но предлага да се провери имотот на функцонерите и нивните блиски не само во изминатите пет години, туку од 1990 година до денес. 

„Во следните недели македонските граѓани ќе бидат исправени пред истата дилема како пред 10 или 20 години, дали да им дадат доверба на квази патриотите или на оние кои покажаа дека знаат да ја позиционираат Македонија и да ги штитат нејзините државни интереси во светот во кој големите ги диктираат правилата“,

нагласи Пендаровски. 

Ковачевски: Победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски

За својата соработка со Пендароски како претседател на изборната конвенција говореше и лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.

„Победата почнува тука, денеска, победата почнува со нашиот претседател, Стево Пендаровски. Тој е прогресивен претседател, верува во прогресивна Македонија и не се откажува од европската иднина“,

рече Ковачевски во обраќањето на конвенцијата за промоција на програмата на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски.

Ковачевски потсети дека во времето кога се отворале преговорите со ЕУ, Пендаровски го поддржал неговото лидерството и вистинските, државнички одлуки за иднината на земјата.

„Кога беше време да се отворат преговорите со ЕУ во јули 2022, Стево и јас седевме заедно, сами. Стево рече вака: Знам дека од утре целиот притисок ќе биде врз тебе. Знам дека целиот овој процес ти ќе мора да го изодиш до крај. Знам дека од утре, сите популисти, сите националисти, сите противници на европската идеја за Македонија, сите оние кои се здружени со непријателите на Македонија, ќе застанат против тебе. И ќе поминуваш низ пекол. И затоа, нема да те оставам сам. Затоа, јас ќе стојам рамо до рамо до тебе. Ќе стојам рамо до рамо и со пратениците со кои заедно ќе ја водиш битката во парламентот. Затоа, јас прв ќе излезам на прес конференција и ќе кажам: ДА, Македонија треба го прифати европскиот предлог. Македонија треба да стане земја членка на ЕУ.  Тоа и го направи, тоа е лидерство.  Тоа е начинот на кој постапуваат вистинските лидери. Лидерите кои им мислат добро на својот народ и на својата држава“,

рече Ковачевски.

Ковачевски на крајот од својот говор на сцена ги покани и претседателите на политичките партии со кои се во коалиција, а кои дадоа поддршка на Стево Пендаровски во трката за претстедател.

Пронајдете не на следниве мрежи: