Никогаш нема да преговарам за Уставот и за Македонија без да се договорам со Владата и Собранието

Во оваа насока, претседателската кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ оцени оти актуелната власт е делегитимирана, додавајќи оти не го направила тоа што морала да го направи, а го направила тоа што не смеела да го направи без за тоа да ги праша граѓаните

Никогаш нема да одам на преговори, никогаш нема да разговарам за Македонија, никогаш нема да разговарам за Уставот без претходно да се договорам со Владата и Собранието за тоа. Ова е првото ветување кое го давам пред вас, рече кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Силјановска-Давкова, обраќајќи им се на гостиварчани на вечерашниот изборен митинг.

Гордана Силјановска-Давкова, претседателска кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ

„Не без да имам тези на хартија, без да имам варијанти и предлози. Во спротивно, вие сте политичка вејка. Тоа што ќе ви го издиктираат ќе го донесете овде како тројански коњ, а потоа дури и ќе тврдите дека сте учествувале во неговото креирање. Тоа е неодговорен претседател, тоа е неодговорен премиер. Тие се восхитени од средбите со странските државници бидејќи не се почитуваат себеси, а не се почитуваат зашто нема што да почитуваат во себе. Затоа се фокусираат на нас. Зашто ним луѓе со интегритет и дигнитет им пречат“,

рече Силјановска-Давкова од вчерашниот митинг во Гостивар.

Покрај консултации со Владата, додаде таа, во носењето на одлуки како потенцијална претседателка на државата, ќе се консултира и со пратениците зашто, како што кажа, сите парламенти се главни креатори на сите политики, меѓу кои и на надворешната и на безбедносната политика.

„Таму треба да оди претседателот не само како Дедо Мраз пред Нова година, туку многупати за да праша со каква политика, со каква платформа, со каква стратегија да настапиме – регионална, европска или меѓународна. Секогаш кога треба да адресира интереси на луѓето, особено на најранливите категории, да им каже (на пратениците н.з.) дека доколку немаат разбирање, доколку во законот не внесат решенија што ќе го подобрат животот на граѓаните, дека ќе стави вето на таквиот закон. Или дека ќе излезе со граѓаните и со нив протестира по улиците за да им каже дека од нив извира суверенитетот, а не од меѓународната заедница и од партијата што ги ставила на власт“,

додаде кандидатката за шеф на државата поддржана од ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа насока, Силјановска-Давкова оцени оти актуелната власт е делегитимирана, додавајќи оти не го направила тоа што морала да го направи, а го направила тоа што не смеела да го направи без за тоа да ги праша граѓаните. Секојдневно, додава таа, се заблагодаруваат по трибините за разбирањето за тешките државнички одлуки иако, како што рече Силјановска-Давкова, над 70 проценти од граѓаните велат дека таквите политики не ги одобруваат.

Пронајдете не на следниве мрежи: