Бојан Јовановски – Боки 13 ги отфрла наводите за пријавата за загрозување на сигурноста, демнење и лажно пријавување. Како што информираше по денешниот информативен разговор во полициската станица во Кисела Вода, пријавувачот е Зоран Милевски-Кичеец, а целта е да му врши притисок.
Јовановски вели дека Кичеец е човек кој се огрешил пред законот, а не одговарал за тоа и неговата реакција е очекувана. Како што рече „ова е почеток на конечна битка и разрешница со цела криминална банда“.
– Не сум го пријавил јас Зоран Милески на мојот фејсбук профил за да бидам пријавен дека лажно сум пријавил кривично дело. Напротив, Зоран Милески Кичеец е дел од моите кривични пријави за сторени кривични дела кои ги сторил истиот за кои јас имам индиции – докази дека ги сторил, но тоа ќе биде предмет пред јавен обвинител во друга постапка и не во оваа форма, а ова го сметам за директен притисок поради тоа што тоа се случи вчера кога скоро цела држава знаеше дека имам јавен настап, најавено интервју каде што и пријавителот во случајот Зоран Милески Кичеец беше еден од лицата за коишто зборував, рече Јовановски.
Според адвокатот на Јовановски, Владимир Туфегџиќ, наводите на Кичеец се неосновани, а за лажното пријавување очекува одговорност.
– Ги отфрламе сите наводи, бидејќи сметаме дека не постојат законски основи за понатамошно процесуирање. Потпишавме записник и воедно можам да кажам дека самиот настан е од таков тип што фактички сметам дека надлежните треба да преземат мерки и активности во насока на водење на постапка за лажно пријавување спрема пријавителот, бидејќи тој што знае дека некој не сторил кривично дело, а пријавил, исто така подлежи на кривична одговорност, рече Туфегџиќ.
Пријавата се однесува на фејсбук статус на Јовановски во кој наведува дека лица блиски до Кичеец веќе неколку дена му се закануваат и вршат притисок со цел да го откаже второто гостување во подкастот кај Стефан Лазаров.
Зоран Милески Кичеец и Бојан Јовановски беа обвинети за случајот „Рекет“, во кој обвинета беше и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева.
Јовановски и Јанева беа прогласени за виновни во случајот при што Јовановски доби казна затвор од девет години за примање награда за противзаконито влијание и за перење пари, а Јанева седум години за злоупотреба на службената положба и овластување.
Во издвоена постапка Зоран Милевски–Кичеец призна вина за примање награда за противзаконито влијание и му беше изречена казна затвор од три години.