Здравствената состојба на словачкиот премиер Роберт Фицо се подобрува и тој повеќе не е во животна опасност, но останува на интензивна нега, четири дена по обидот за атентат, изјави вицепремиерот и негов близок соработник Роберт Калинак. По неколкучасовната операција Калинак пред новинарите порачал дека „најлошото барем засега помина“, пренесува Би-би-си.
Тој претходно кажа и дека Фицо претрпел четири прострелни рани: две лесни, една средна и една сериозна.
„Можеме да ја сметаме неговата состојба стабилна со позитивна прогноза. Сите сега се чувствуваме малку порелаксирано“,
рече Калинак.
Тој додаде и дека Фицо ќе остане да се лекува во болницата во Банска Бистрица, бидејќи не е можен трансфер поради неговата состојба.
Словачкиот премиер во средата беше застрелан од непосредна близина додека се поздравуваше со поддржувачите во градот Хандлова.
Напаѓачот беше фатен, а вчера специјалниот кривичен суд во словачкиот град Пезинок, му одреди и притвор на 71-годишниот Словак Јурај Цинтула.
Од полицијата до медиумите протече видео во кое тој вели дека пукал во премиерот затоа што не му се допаѓаат политиките на неговата влада поради промените во судството, обидот за контрола на јавниот сервис РТВ и суспензијата на помош за Украина.
Министерот за внатрешни работи Матус Шутај Ешток рече дека напаѓачот немал соучесници – дека е „самострелец“, дека е очигледно оти нападот врз премиерот е политички мотивиран, а Цинтула веќе присуствувал на демонстрациите против владата во градот Долна Крупа.
Јурај Цинтула од градот Левице, малку познат поет кој основал локален литературен клуб, своевремено бил пацифист кој неуспешно го основал „Движењето против насилството“ и ги повикал Словаците да протестираат на улиците мирно, без насилство, против „алчноста на политичарите“.
За кривичното дело за кое се товари Цинтула – обид за убиство со умисла поради одмазда против заштитено лице, според словачкиот закон, му се заканува казна од 25 години или доживотен затвор.