Судскиот совет на итна седница на полноќ ќе одлучува за имунитетот на врховниот судија Наке Георгиев

„Расправа и одлучува по барање на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор“ е точката на дневен ред на вечерашната итна седница

Судскиот совет за вечерва на полноќ закажа итна седница на која ќе одлучува за имунитетот на врховниот судија Наке Герогиев кој денеска беше уапсен поради сомненија за примање поткуп. 

Од седница на Судскиот совет (Илустративна фотографија) / Фото: Архива

На седницата, како што е наведено во соопштението објавено на веб-страницата на Советот, ќе се „расправа и одлучува по барање на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитет на судија и за одобрување на притвор“. 

Имено, за имунитетот на судиите е задолжено ова тело, кое при евентуални криминалистички истраги против судии и мерките кои се бараат од надлежените истражни органи треба да биде известено и да донесе одлука во однос на имунитетот.   

Судијата на Врховниот суд, Наке Георгиев, како што потврдија од Министерството за внатрешни работи, бил лишен од слободна поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.  

Според МВР, тој бил упасен на лице место при извршување на кривичното дело.  

„Денеска (20.05.2024 г.) лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамашни насоки од надлежен јавен обвинител“,

информираа од МВР. 

Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори објавија дека врховниот судија бил фатен со 10 000 евра. Тој, наводно бил пријавен од лице кое тврдело дека му бил баран поткуп во врска со судски случај. Наводно ветувал олеснителни околности во случајот против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана. 

Полициски извори за телевизијата Телма потврдиле дека судијата Георгиев бил префрлен, односно се наоѓа во полициската станица во Кисела Вода.   

Судијата на Врховниот суд, Наке Георгиев / Фотоколаж: „360 степени“

Инаку, врховниот судија Георгиев кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули си поднесе оставка од оваа функција пред официјално да даде заклетва за да може неговиот син да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Акдемијата за судии и јавни обвинители.   

Изборот на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци. 

За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, пак, претходно беа разрешени тројца судии. 

Пронајдете не на следниве мрежи: