Со „Вечера за глупаци“ отворено 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија во Кочани (ФОТО)


Со „Вечера за глупаци“ отворено 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија во Кочани (ФОТО)


Вечерва во НУЦК „Бели мугри“ во Кочани беше отворено 61. издание на Драмскиот аматерски фестивал на Македонија под мотото „Знаеме што сме, но не знаеме што можеме да бидеме“.

Фестивалот свечено се отвори со изведба на претставата „Вечера за глупаци“ на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов -Џинот“ од Велес. Во конкуренција за наградите, театарската публика годинава ќе има можност да ги проследи претставите на десетина домашни групи и ансамбли, но и драмски групи и ансамбли од Ниш, Крагуевац, Прокупље и Смедеревска Паланка од Република Србија.

Претставата наиде на добар прием кај публиката, а актерите беа уверливи во својот настап при што никого не оставија рамнодушен и да не се насмее. На крајот беа бурно наградени од публиката.

Градоначалникот Љупчо Папазов на отворањето ја истакна важноста на ДАФ за културата во градот Кочани, поддршката на локалната самоуправа за фестивалот, но изрази и жалење што годинава на репертоарот нема претстава од Кочани. Свој поздравен говор пред публиката одржа и директорката на ДАФ, Кристина Атанасова Арсова.

Во текот на шесте фестивалски дена, на сцената на Центарот за култура „Бели мугри“ ќе бидат изведени по три претстави дневно: во пладневниот, вечерниот и во ноќниот термин..

Фестивалската програма ќе биде збогатена со придружни културни манифестации, а поддршка за нејзината реализација е добиена од Министерството за култура и од Општина Кочани и ќе трае до 26 мај.

Во рамките на Фестивалот и годинава ќе бидат доделени вкупно осум награди: за најдобра женска епизодна улога; за најдобра машка епизодна улога; за најдобра женска главна улога; за најдобра машка главна улога „Никола Димитров”; за најдобра режија „Борис Стојчев“; за истражување нови сценски изразни средства и експеримент во аматерскиот театар; специјална награда за најдобра претстава во категоријата Театар за деца и младинци, како и гран-при „Васил Ќортошев“.

Пронајдете не на следниве мрежи: