Гаши го прекрши Уставот со давањето на свечената заклетва првин на албански, а потоа на македонски јазик – вели Костадиновска-Стојчевска

Пратеничката на СДСМ во новиот собраниски состав, кој беше конституиран вчера, Бисера Костадиновска-Стојчевска преку објава на социјалните мрежи го обвини новоизбраниот претседател на парламентот Африм Гаши дека го прекршил духот на мултиетничноста во државата, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва, пренесува 360 степени.

Костадиновска-Стојчевска реагира на тоа што Гаши свечената заклетва прво ја даде на албански, а потоа на македонски јазик.

Таа ѝ забележува и на пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику, која како највозрасна од новоизбраните пратеници претседаваше со конститутивната седница на Собранието, пред Гаши со мнозинство гласови да биде избран на оваа функција.

„Новиот претседател на Собранието на Република Северна Македонија го прекрши духот на мултиетничноста на нашата држава, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва за време на конститутивната седница на новиот собраниски состав. Истото го стори и претседавачката на конститутивна седница на Собранието, пратеничката Мерита Колчи Коџаџику“, вели Костадиновска-Стојчевска во својата објава на Фејсбук.

Притоа, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, кои заедно со пратениците од коалицијата „Вреди“ го предложија Африм Гаши за собраниски спикер, од теснокоалициски и теснопартиски причини немаа капацитет ни порив да помислат спротивно на ваквиот антимакедонски чин, вели таа, дополнително во четири точки наведувајќи зошто смета дека е скандалозно свечената заклетва прво да се дава на албански, а потоа на македонски јазик.

„Затоа што македонскиот јазик е првиот официјален јазик на Северна Македонија, а потоа следуваат другите не помалку важни јазици, но утврдени со Уставот согласно процентуалната застапеност на граѓаните што го зборуваат;

Јазикот не е и не може да биде личен или етнички механизам за политичко поентирање – јазикот е средство за службена и друг тип комуникација;

Претседател на Собранието може да биде и етнички Албанец, и етнички Македонец, и кој било друг пратеник за кој владејачките партии ќе се договорат, но прв официјален јазик во Северна Македонија е македонскиот јазик;

Единствен официјален јазик за меѓународна употреба е македонскиот јазик – сигурна сум дека денешната конститутивна седница има и силен меѓународен одек“, наведува Костадиновска-Стојчевска.

Воедно, пратеничката на СДСМ потсетува и дека Гаши не е првиот претседател Албанец на Собранието, односно дека претходно во два наврати оваа висока државна функција ја вршеше Талат Џафери од ДУИ, кој, како што вели Костадиновска-Стојчевска, не го повреди духот на македонскиот Устав и заклетвата ја даде на македонски јазик.

„Потсетувам и дека Вулнет Старова, Албанец, е последниот претседател на делегатското собрание на Социјалистичка Република Македонија. На таа функција беше избран на конститутивната седница на Собранието од четвртото делегатско свикување на 28 април 1986 година, кога беа избрани и новите состави на Претседателството и на Извршниот совет на Социјалистичка Република Македонија. Функцијата ја извршуваше до 8 јануари 1991 година, кога беше конституирано првото повеќепартиско собрание, каде што се говореше исклучиво на македонски јазик“, пишува пратеничката.

На крајот таа посочува дека, покрај македонскиот јазик, втор официјален јазик во државата е албанскиот, но додава оти нема полоша политика од тоа јазиците да ни станат методи за политичка пропаганда.

„Затоа, да се почитуваме, да си ги почитуваме Уставот, државата, законите, различностите и особеностите“, порачува Костадиновска-Стојчевска.

Африм Гаши вчера беше избран за претседател на Собранието, а за неговиот избор „за“ гласаа 76 пратеници од присутните 82, „против“ беа шестемина пратеници на Левица, а воздржани немаше.

По изборот, Гаши ја даде и ја потпиша свечената изјава.

На седницата, исто така, беа верификувани мандатите на 118 пратеници во новиот парламентарен состав. Со верификувањето на мандатите на членовите на овој парламентарен состав, им престана мандатот на пратениците од претходниот. Исто така, функцијата им престана и на новите пратеници кои се носители на други функции. На вкупно шест пратеници им прекинува функцијата во Владата, поради што таа ќе ги извршува само техничките функции до изборот на нова. Една од нив е и Бисера Костадиновска-Стојчевска која беше министерка за култура.

Извор: 360 степени

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.