Водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење, укината забраната за нејзина употреба

Од јавното претпријатие „Водовод“ велат дека го добиле соопштението од АХВ и велат дека во текот на денот целосно ќе се нормализира водоснабдувањето во критичните точки, а притисокот ќе биде на ниво од пред заматувањето

Водата од кумановски „Водовод“ е безбедна за пиење, информираат од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ).

Информацијата доаѓа откако од Центарот за јавно здравје од Куманово стигнале резултатите од лабораториското тестирање на трите земени последователни мостри од водата од кумановскиот градски водовод.

„Добиени се задоволителни резултати од тестирањата во однос на физичко-хемиските и бактериолошките параметри, односно водата од кумановскиот водовод е безбедна за пиење, поради што АХВ ја укинува забраната за нејзина употреба која беше донесена на 23. овој месец“,

соопштуваат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Од јавното претпријатие „Водовод“ велат дека го добиле соопштението од АХВ и додаваат дека во текот на денот целосно ќе се нормализира водоснабдувањето во критичните точки, а притисокот ќе биде на ниво од пред заматувањето.

Претходно од Центарот за јавно здравје Куманово, соопштија дека нивните анализи покажале дека водата е безбедна за пиење.

„Резултатите од земените мостри од 25, 26 и 27 мај, годинава, трите последователни анализи покажаа дека водата е здравствено безбедна за пиење. Извештајот е испратен до АХВ“,

вели специјалист д-р Блерта Шаини Азизи.

Потврда има и од Општинскиот штаб за заштита и спасување, од каде што велат дека по извршениот инспекциски контролен надзор и по добиените резултати од Центарот за јавно здравје во Куманово, од испитаните примероци на вода, последователно од 25, 26 и 27 мај, констатирано е дека тие одговараат на законските и стручни прописи во однос на испитаните параметри, согласно Правилникот за безбедност на водата за пиење, издаденото Решение за забрана на водата за пиење е укинато.

На 23 мај кумановци добија препорака водата од градскиот водовод да ја користат само како техничка бидејќи било регистрирано нејзино заматување по невремето и врнежите во Липковскиот Регион.

Пронајдете не на следниве мрежи: