Уставните измени треба да се случат што побргу, но без да ги ризикуваме меѓуетничките односи – вели Гаши

„Јас лично стојам на ставот дека ние треба да го решиме тоа што побргу, но не на сметка и не врз грбот на рушење, на незачувување на идентитетот, културен и јазичен на Македонците. Јас ова го зборувам и со меѓународниот фактор. Не можеме да ги ризикуваме меѓуетничките односи заради друг проблем кој е битен за интеграциите“, рече претседателот на Собранието во интервју за емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма

Новиот претседател на Собранието, Африм Гаши смета дека прашањето за промена на Уставот треба да биде решено што побргу, но не на сметка на културниот и јазичен идентитет на Македонците и со ставање на меѓуетничките односи во ризик. 

Зградата на Собранието на Република Северна Македонија / Фото: Архива

На прашањето дали има договор за промена на Уставот, во контекст на преговорите за состав на новата влада, Гаши во вечерашното интервју за емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма рече дека станува збор за сензитивно прашање, особено за Македонците, кои, како што додаде, биле понегативно настроени кон т.н. француски предлог.

Резервираноста по ова прашање, според Гаши, можеби била и една од причините што ВМРО-ДПМНЕ добила голем број гласови на изборите.  

Сепак, додаде тој, сега сме во друга фаза во која сите сакаме да одиме напред. 

„Најголем број граѓани и политички партии, освен една, сите сме за интеграција на земјата во Европската Унија, и тоа што побргу, барем така се изјаснуваат декларативно. Треба да разговараме за тоа што ВМРО-ДПМНЕ го стави во програмата. Ќе има и нови моменти по изборите во Бугарија и изборите во Европскиот парламент. Треба во мозаикот да се имаат сите елементи за да може да го решиме ова горливо прашање“,

рече новиот претседател на Собранието. 

Во таа насока, Гаши вели дека стои на ставот дека тоа треба да биде решено што побргу, но без да ги ризикуваме меѓуетничките односи. Според него, ако се има разбирање за културниот и јазичен идентитет, тоа само по себе ќе даде енергија во процесот за побрза интеграција на земјата во Европската Унија.  

„Јас лично стојам на ставот дека ние треба да го решиме тоа што побргу, но не на сметка и не врз грбот на рушење, на незачувување на идентитетот, културен и јазичен на Македонците. Јас ова го зборувам и со меѓународниот фактор. Не можеме да ги ризикуваме меѓуетничките односи заради друг проблем кој е битен за интеграциите. Затоа што тоа можеме да го решиме, но ако ги нарушиме овие односи, ништо не сме направиле како држава. Треба да работиме на поголема кохезија на сите заедници, особено на првите две по големина – македонската и албанската“,

рече претседателот на Собранието, кој е од редовите на коалицијата „Вреди“. 

Прашан дали сè уште се залага за „заедница на албански општини во Македонија“, тој изјави дека тоа било став на генералниот секретар на неговата партија Алтернатива и дека идејата била соработка во сегменти што ги засегаат жителите на тие општини, а темата тогаш, како што додаде, се политизирала и ѝ се дал националистички предзнак.   

„Нема таква конотација со националистички предзнак за федерализација како што сакаше да се прикаже. Никогаш не сме се изјаснувале за федерализација, затоа што тој модел не е компатибилен за оваа држава и затоа политички не сум ја застапувал таа тема“,

рече новиот претседател на законодавниот дом. 

Инаку, Гаши во интервјуто соопшти дека в понеделник ќе има прва официјална координативна средба партиите во парламентот на која треба да се разговара за тоа кога би се одржала првата собраниска седница, со кој дневен ред и кои закони би се нашле на неа како приоритетни. 

Очекува, пред формирањето на новата влада, Собранието да го донесе новиот Закон за организација на работата на органите на државната управа и според него да се изгласа новата реорганизирана влада со нови министерства и трансформација на постоечките и да бидат избрани нејзините членови.  

„Мислам дека има слух од сите политички партии и ќе се донесе, претходно пратениците ќе имаат време да го видат и да дебатираат. За овој закон, како и за сите други закони сакам да имаме консензуален пристап“,

рече Гаши во интервјуто. 

Претседателот на Собранието на РС Македонија, Африм Гаши во вечерашното интревју за емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма / Фото: Принтскрин

Следни за дебата во Собранието би биле измени на Законот за локална самоуправа за да се најде преодно решение коешќе овозможи да не се распишуваат избори за само неколку месеци мандат во оние општини чии градоначалници се избрани за пратеници или ќе бидат избрани за министри, имајќи предвид дека редовните локални избори треба да се случат в година.  

„Треба да се најдат законски измени за да не ги тераме гласачите на секои шест или осум месеци да излегуваат на гласање“,

додаде претседателот на Собранието. 

Пронајдете не на следниве мрежи: