„Ако некој бара правдина, супер, јас сум за тоа“ – Африм Гаши дециден дека не го прекршил Законот за употреба на македонскиот јазик

Наместо да се занимаваме со моментот на конституирање на Собранието, што е најбитниот политички момент во државата, ние се навраќаме на работи кои се од технички аспект.

Ова е коментарот на претседателот на Собранието, Африм Гаши во интервју за Радио слободна Европа, прашан за најавената претставка против него од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска за прекршување на Законот за употреба на македонски јазик, бидејќи заклетвата ја кажа прво на албански, а потоа на македонски јазик.

Африм Гаши – претседател на Собранието на РС Македонија

„Јас ја прочитав свечената изјава на двата јазици, а ги прочитав како што беше читано од пратеничката што претседаваше, сигурно по некои технички причини. Не верувам дека било намерно, а и да било, тоа е работа на Собранието. Без разлика, јас мислам дека не треба да обрнуваме внимание на такви делови. Но, и демократско право е на секој пратеник и на секој граѓанин, ако мисли некој дека некое право е прекршено, да реагира, да бара право, и тие што го прекршиле законот да одговарат, нема никаков проблем“,

рече Гаши.

Тој потенцира дека албанскиот јазик е еден од официјалните јазици во државата, кој го зборуваат над 20 отсто од граѓаните. Но, рече – ако некој бара правдина, супер, јас сум за тоа. Дециден е дека тој не го прекршил Законот.

Пратеничката на СДСМ во новиот собраниски состав, Бисера Костадиновска-Стојчевска преку објава на социјалните мрежи го обвини новоизбраниот претседател на парламентот Африм Гаши дека го прекршил духот на мултиетничноста во државата, но и духот на Уставот и на Законот за употреба на македонскиот јазик при давањето на свечената заклетва.

За настанот таа ѝ забележува и на пратеничката Мерита Колчи-Коџаџику, која како највозрасна од новоизбраните пратеници претседаваше со конститутивната седница на Собранието, пред Гаши со мнозинство гласови да биде избран на оваа функција.

Пронајдете не на следниве мрежи: