Бајден се огласи по пресудата за неговиот син: Јас сум претседател, но и татко, горд сум на неговата победа над зависноста од дрога

„Многу семејства имаат блиски што се борат со зависностите и го разбираат чувството на гордост кога ќе видат како некој што го сакаат е толку силен и издржлив во закрепнувањето“, изјавил американскиот претседател

Американскиот претседател Џо Бајден ќе го прифати исходот од судењето на неговиот син и ќе продолжи да го почитува судскиот процес, додека се очекува дали Хантер ќе поднесе жалба на пресудата, кој денеска, како што пренесе Си-ен-ен, е прогласен за виновен по три обвиненија за нелегално купување и поседување оружје, додека бил зависник од дрога.

Сепак, Бајден посочил дека е горд на неговиот син зашто ја победил зависноста од дрога. Американските медиуми посочуваат дека исходот од ова судење може да се толкува и како политички штетно за кампањата за Бајден, пред почетокот на претседателските избори во САД, кои треба да се одржат во ноември годинава.

Американскиот претседател Џо Бајден заедно со својот син Хантер / Фото: EPA-EFE/MICHAEL REYNOLDS / POOL

„Како што кажав минатата недела, јас сум претседател, но и татко. Џил и јас го сакаме нашиот син и многу сме горди на она што е тој денес. Многу семејства имаат блиски што се борат со зависностите и го разбираат чувството на гордост кога ќе видат како некој што го сакаат е толку силен и издржлив во закрепнувањето“,

рече Бајден.

Претходно, американскиот претседател изјави дека нема да го помилува својот син Хантер, во случај да биде осуден.

Хантер по изрекувањето на пресудата изјави дека е разочаран на исходот, но и дека истовремено е благодарен за поддршката и љубовта кои ги добива од семејството.

„Закрепнувањето од зависноста е можно со Божјата милост, а јас сум благословен што можам да го доживувам тој дар од ден на ден“,

рече тој.

Неговиот адвокат рекол дека се разочарани од пресудата, но дека ќе продолжат да ги разгледуваат сите правни опции.

На Хантер може да му биде изречена максимална казна од 25 години затвор, откако е прогласен за виновен по три точки од обвинението. Но, може да се соочи и со казна и до 750 000 долари. Сепак, како што пишуваат американските медиуми, веројатно е дека ќе добие помала казна од максималната бидејќи ова му е прв прекршок.

Приватниот живот на Хантер Бајден, како и неговите професионални и бизнис-зделки постојано се предмет на жестоки контроверзии и дискусии. Неговата борба со зависноста од тешки дроги и алкохол се документирани и датираат од времето кога работел во неговата сопствена фирма.

Пронајдете не на следниве мрежи: