САД лути! Косово ги загрозува можностите што помогнавме да се создадат

Соединетите Американски Држави оценија дека со континуираните некоординирани одлуки, Косово ги загрозува можностите што Вашингтон помогна да се создадат.

Портпаролот на американскиот Стејт департмент Метју Милер на прес-конференција повтори дека САД се загрижени за неодамнешните одлуки на Косово, одговарајќи на прашањето дали треба да има последици за косовските власти по затворањето на филијалата на српската пошта на северот на земјата.

„Загрижени сме поради некоординираните одлуки на косовското раководство. Ние веруваме дека тие ги изложија на ризик можностите што му помогнавме на Косово да ги создаде“, рече Милер.

Милер дополни дека затоа ја охрабруваат Владата на Косово да се врати на „близок и конструктивен ангажман“ со САД, Европската Унија, НАТО и другите меѓународни партнери.

Портпаролот на Стејт департментот рече дека тие ставови приватно ги искажале на Владата на Косово и нагласи дека не сака да шпекулира за идни потези.

Полициската акција за затворање на филијали на Пошта Србија се случи на 5 август, кога беа затворени девет објекти.

Косовската полиција соопшти дека се затворени три објекти на Поштата Србија во Северна Митровица, три во општина Лепосавиќ, два во Звечан и еден во Зубин Поток.

Како што информираше косовската полиција акцијата започна по добиени информации од Регулаторното тело за електронски и поштенски комуникации (АРКЕП) дека на територијата на Косово работат економски оператори без лиценца и без регистрација во Агенцијата за деловни регистри на Косово (АРБК).

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.