Четири пожари на отворено во последното деноноќие: Интервенции на ЦУК во Долнени, Желино, Делчево и Скопје

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во последното деноноќие имало вкупно 2 026 повици на единствениот повикувачки број за итни случаи 112.

Според ЦУК, од вкупната бројка повици, како што велат, реални биле 59,38%, а преостанатите 40,62% биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.

ЦУК информира за интервенции на четири пожари на отворен простор и тоа во општините Долнени, Желино и Делчево, како и во Град Скопје.

„Регионалниот ЦУК-Битола информира дека ТППЕ-Прилеп, во период од 15:10 до 16:30 часот, со два пожарникари и едно ПП-возило, интервенирале на запалена ниска вегетација и стрниште помеѓу селата Сенокос и Долнени во Општина Долнени. Регионалниот ЦУК-Тетово, информира дека ТППЕ-Тетово, во период од 17:00 до 17:10 часот, со два пожарникара и едно ПП возило интервенирале на запалено ѓубриште кај с. Требош, Општина Желино. Регионалниот ЦУК-Штип известува дека депонијата во Делчево сосема малку тлее во внатрешноста, но нема опасност од нејзино проширување. На лице место е едно лице (чувар) вработено во ЈКП ‘Брегалница’ што ја следи состојбата со депонијата. Регионалниот ЦУК-Скопје ја пренесува информацијата од БППЗ на Град Скопје дека во изминатото деноноќие во период од 04:20 до 05:30 часот со три пожарникари и едно ПП возило имале уште една помала интервенција на запален контејнер“, информира ЦУК.

ЦУК известува и за пронајдено неексплодирано убојно средство во селото Ратево, Општина Берово. На лице место е излезена полициска екипа и лице од Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) кое безбедно го отстранило неексплодираното средство и го сместило на соодветно место.

„Паднати бандери имало на неколку места. Конкретно, вчера било пријавено дека паднале неколку бандери во с. Тркање, Општина Кочани, што го попречуваат сообраќајот, извести регионалниот ЦУК-Штип и дека по пријавата на 112 веднаш екипа од МВР била излезена на терен, а за кратко патот бил расчистен и прооден. Имало пријава за паднати бандери во оризово поле со вода, помеѓу с. Соколарци и с. Жиганци. Од РЦУК-Штип биле известени во ЕВН, при што тие се запознаени со ситуацијата и ја исклучиле струјата на потегот помеѓу Соколарци и Жиганци и во текот на вчерашниот ден работеле на нивно санирање“, велат од ЦУК.

Оттаму и информацијата за најавено минирање што треба да се изврши денеска на локалитетот Јаболци во Општина Сопиште од 8 до 16:30 часот.

Пронајдете не на следниве мрежи: