Бараме пријателите и партнерите во меѓународната заедница, како и меѓународните организации кои работат на Косово и Метохија, итно да го заштитат српскиот народ од теророт на властите во Приштина предводени од Албин Курти, соопшти денеска МНР на Србија.
– Упадот на до заби вооружените припадници на специјалната полиција на Курти во институциите од кои зависи физичкиот опстанок на Србите во четири општини на северот на Косово и Метохија е врв на антисрпската, антицивилизациската и антиевропската политика на Приштина и претставува опасен чекор кон ескалација во најшироки размери – се наведува во соопштението на МНР.
Во него се додава дека „оние кои се на Косово и Метохија според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации и се одговорни за безбедноста на сите граѓани на Косово и Метохија, не смеат да бидат неми набљудувачи на теророт што Курти го спроведува, уништувајќи ги шансите за компромисно и мирно решавање на проблемот во јужната српска покраина“.
Белград постојано повикува на мир и дијалог, а Приштина, бидејќи досега не е соодветно санкционирана поради перманетното уништување на дијалогот и насилството врз српскиот народ, прави се за да ја промени ситуацијата на терен до таа мера што дијалогот станува излишен.
– Последен момент е Курти да биде спречен да поттикне нови конфликти на Западен Балкан и да го заокружи планот за етничко чистење, што само во изминатата година и половина резултираше со иселување на 15 проценти од Србите од Косово, како што забележа Меѓународната кризна група – соопштија од МНР.
Од српското МНР заклучија дејка „наместо насилството и самоволието на Курти, итно ни е потребна реафирмација и заживување на дијалогот, бидејќи политиката на Приштина не придонесува за мир и претставува тешки и опасни предизвици за сите одговорни актери во меѓународната заедница, бидејќи тоа е очигледна увертира за хуманитарна катастрофа и многу сериозна дестабилизација на регионот“.