Стоилковиќ троши 11,8 МИЛИОНИ за „авторски услуги“ – Нема ли правници во Министерството и зошто договорот е двојазичен?!

Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците набавува „услуги од авторска агенција„ за дури 11.800.000 денари. Договорот е склучен на 23 јули 2024 година, објавен на веб-страницата за јавни набавки денеска, а потпишан е од вицепремиерот Иван Стоилковиќ.

Во договорот не е прецизирано за што точно се потребни услугите од авторска агенција, што ќе работи агенцијата за 11.8 милиони денари во текот на една година. Во договорот стои дека Агенцијата е должна да изработува авторски договори, да одговори на секое барање на министерството во рок од 24 часа, да подготвува договори на дело и слично.

На огласот за јавната набавка се пријавиле четири компании, од кои сите дале понуда која е повисока од сумата предвидена од страна на Министерството.

Набавката ја добива Друштво за деловно посредување и застапување на авторските права М ПЛУС АВТОРСКА ДООЕЛ Скопје, основано во 2018 година, нема податоци за вработени лица, има скромни финансиски податоци од 2021 го 2023 година, а досега добило вкупно две јавни набавки за авторски услуги.

Сепак, се поставува прашањето, дали во Министерството за односи меѓу заедниците нема вработени правници, па треба да се користат услуги од авторска агенција? Дополнително, за што Министерството ќе изготвува посебни договори, кои вработените во правниот сектор во Министерството не би можеле да ги изготват?

11,8 милиони денари не е мала сума.

Дополнително, во договорот стои дека јазик на кој се склучува договорот е македонскиот јазик, но министерот Стоилковиќ потпишал двојазичен договор. Како што можевте да видите од извадоците од договорот погоре, истиот е напишан и на македонски и на албански јазик. Која е потребата од двојазичен договор, би требало да објасни Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците.

Пронајдете не на следниве мрежи: