Од Ѓорче Петров до Центар ќе патуваме со воз – се враќаат шинобусите?

Во обид да се подобри јавниот превоз и да се олесни движењето на жителите од периферните населби кон центарот на Скопје, вицепремиерот Александар Николоски неодамна го најави проектот „Градски воз“, кој треба да започне со реализација во октомври 2025 година.

Со проектот е планирано активирање на шинобус кој ќе ги поврзува населбите Волково, Даме Груев, Ѓорче Петров, Бутел, Гази Баба, Драчево и Лисиче со главната железничка станица во центарот на градот.

Овој проект е долгочекувано решение за многу жители, кои секојдневно се соочуваат со проблеми поврзани со јавниот превоз, вклучувајќи ја непредвидливоста на автобусите на ЈСП и честите сообраќајни гужви во градот.

Според плановите, шинобусот ќе понуди побрз, поудобен и поефикасен начин на патување.

Граѓаните на периферните населби со нетрпение го очекуваат реализирањето на проектот.

„Со нетрпение го чекаме стартот на овој проект. Патувањето до центарот на градот со автобус е вистински предизвик, особено во шпицот. Се надевам дека со градскиот воз ќе стигнуваме на работа за многу пократко време,“ вели Евгенија Јовановска, жителка на населбата Ѓорче Петров.

Таа додава дека со возот не само што ќе се скратат трошоците за патување, туку и ќе се избегнат честите задоцнувања кои се резултат на метежот во сообраќајот.

Слично размислува и Зоран Поповски, жител на Волково:
„Живеам во населба што е далеку од центарот, и патувањето со автобус трае повеќе од еден час во утринските часови. Со овој проект верувам дека животот на многу луѓе ќе се промени на подобро“, вели тој.

Техничка изводливост и еколошки придобивки

Покрај олеснувањето на патувањето, проектот „Градски воз“ има и значителни еколошки придобивки, бидејќи користењето на шинобус ќе го намали бројот на автомобили на патиштата, што ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и емисиите на штетни гасови.

Но, прашањето што се наметнува е дали ваков проект е реално изводлив за Скопје, со оглед на постојната инфраструктура.

Според сообраќајните експерти со коишто разговаравме, проектот има потенцијал, но потребни се значителни инвестиции во модернизација на постојната железничка мрежа.

„Технички, проектот е изводлив. Скопје веќе има железничка мрежа која може да се искористи за оваа намена, но проблемот е што таа не е доволно модернизирана. Потребна е надградба на возовите, железничките станици и сигнализацијата за да се овозможи непречен и безбеден сообраќај“, објаснуваат познавачите.

Тие додаваат дека проектот ќе бара и промени во организацијата на јавниот транспорт, со што ќе се осигура дека шинобусот ќе биде комплементарен со другите форми на јавен превоз, како што се автобусите.

„Важно е да се создаде интегриран транспортен систем кој ќе биде функционален и достапен за сите граѓани“, коментираат експертите.

извор: denar.mk

Пронајдете не на следниве мрежи: