Лавров ситуацијата на Косово ја посочи како пример за несоодветно толкување на Повелбата на Обединетите нации.
Тој истакна дека Повелбата на ОН треба да се толкува во целост, а не да се истакнуваат само оние делови кои се „погодни“ да се искористат во конкретен конфликт, порача рускиот министер.
„Западните земји бараат враќање на границите на Украина од 1991 година, повикувајќи се на територијалниот интегритет на земјата, како и на одредени резолуции на ОН кои се усвојувани, иако третина, а понекогаш и половина од земјите не се сложуваа со нив. Делумната вистина е полоша од лагата“, кажа Лавров.
Тој потсети на делот во Повелбата на ОН во кој и пред спомнувањето на „територијалната целовитост“ се зборува за правото на народите на самоопределување кое било основа на процесот на деколонизација.
Лавров укажа дека, меѓу резолуциите кои ги усвоило Генералното собрание на ОН многу пред украинската криза постои една од 1970 година во која се наведува дека сите се должни да ја почитуваат територијалната целовитост на оние држави кои го почитуваат правото на нацијата на самоопределување и дека, во согласност со тоа, имаат власт која ги претставува сите жители кои живеат на таа територија.
Таа резолуција, за разлика од многу кои на кои денес западните земји се повикуваат во контекст на украинската криза, е усвоена со консензус.
Лавров истакна дека оние кои во 2014 насилно ја преземаа власта во Украина и како своја цел декларираа уништување на сè руско сигурно не ги претставуваа сите жители, особено не оние од источните области на Украина и Крим.
Рускиот министер кажа дека од генералниот секретар Антонио Гутереш никогаш не слушнал осуда за искоренувањето на рускиот јазик од сите сфери на животот во Украина, ниту изјава за неодамна усвоениот закон за забрана на Украинската православна црква.
И јазикот и религијата мора да се почитуваат, во согласност со Повелбата на ОН, истакна шефот на руската дипломатија.