Откако Доналд Трамп победи на изборите, светот се фокусираше на темата за војната во Украина и што може да се промени кога Трамп ќе дојде на власт и ќе го замени Џо Бајден. Републиканскиот кандидат вети дека ќе ја заврши војната „во рок од 24 часа“, но не даде конкретни детали за тоа како има намера да го постигне тоа. За време на изборната кампања тој навести дека неизвесноста е дел од неговата преговарачка тактика. „Не можам да ви ги дадам тие планови бидејќи ако ви ги дадам, нема да можам да ги користам“, рече Трамп.
Сепак, додека Трамп ги чуваше своите планови за себе, неколку клучни точки „протекоа“ во јавноста од неговиот круг на соработници. Брајан Ланза, советник близок до Трамп, изјави за Би-Би-Си дека главната цел на украинскиот претседател Володимир Зеленски е мировен договор со Русија, а не враќање на изгубените територии. Ланза рече: „Кога Зеленски вели дека борбите ќе престанат само кога ќе се врати Крим, имаме лоша вест за него: Крим е засекогаш изгубен“. Според него, Трамп ќе бара од Киев „реална визија за мир“. Портпаролот на кампањата на Трамп веднаш ги демантираше изјавите на Ланза, тврдејќи дека Ланза не зборува во име на Трамп, но јасно е дека се разгледуваат одредени стратегии.
Еден од клучните елементи на планот на Трамп вклучува формирање на тампон зона од речиси 1.300 километри меѓу руската и украинската армија, без учество на американски војници во обезбедувањето на таа зона. Наместо тоа, Трамп има намера да ги охрабри европските и британските војници да ја преземат таа одговорност, што би го намалило директното вклучување на Соединетите Американски Држави во конфликтот. Еден член од тимот на Трамп изјави за Вол Стрит Журнал: „Не испраќаме Американци да го одржуваат мирот во Украина. И ние не плаќаме за тоа. Нека го направат тоа Полјаците, Германците, Британците и Французите“. Овој план предвидува Украина да се обврзе да не влезе во НАТО во следните 20 години, што дополнително ќе ги намали тензиите меѓу НАТО и Русија.
Оваа стратегија наиде на сериозни предупредувања од Киев. Украинскиот претседател Володимир Зеленски изрази загриженост за каков било план што би вклучувал отстапки за Москва, велејќи дека тоа би било „самоубиство“ за Европа. На самитот во Будимпешта тој изјави дека „праведен мир не може да се купи со покажување слабост“. Неговите зборови беа јасна порака дека Украина нема да попушти под притисокот за постигнување компромис што ќе ги поддржи руските територијални придобивки.
Планот на Трамп, објаснет од неговите помошници, вклучува замрзнување на сегашната линија на фронтот, при што териториите окупирани од Русија остануваат под нејзина контрола, барем привремено. Овој предлог има за цел да создаде ситуација во која Украина долгорочно ќе се откаже од интеграцијата во НАТО, а конфликтот ќе биде суспендиран без нови борби, но и без итно решение. Планот дополнително бара САД да продолжат со снабдување на Украина со оружје за да ја одвратат Русија од понатамошни дејствија.
Во исто време, деталите од овој план укажуваат на можноста за ангажирање на европските мировни сили за обезбедување на демилитаризираната зона, додека САД би обезбедиле обука и логистичка поддршка. Според Wall Street Journal, советник на Трамп изјавил дека „САД можат да обезбедат обука и друга поддршка, но цевките за оружје ќе бидат европски“.