Шефот на германското разузнавање: НАТО може да го активира членот 5 поради руските саботажи

Руските саботажи на западни цели на крајот може да го поттикне НАТО да размисли за повикување на клаузулата за заемна одбрана од членот 5 на Алијансата, изјави во средата шефот на германската служба за надворешно разузнавање BND.Говорејќи на настанот на тинк-тенк DGAP во Берлин во средата, директорот на BND, Бруно Кал, рече дека очекува Москва дополнително да ја засили својата хибридна војна.„Широката употреба на хибридни мерки што ги спроведува Русија го зголемува ризикот НАТО на крајот да размисли за повикување на клаузулата за заемна одбрана од член 5“, истакна Кал без да ги прецизира наводните руски саботажи.„Истовремено, зголемувањето на рускиот воен потенцијал значи дека директен воен конфликт со НАТО станува една од можните опции за Кремљ“, оценува челникот на германското разузнавање.Според член 5, доколку е нападната членка на НАТО, другите членки на алијансата се должни да ѝ помогнат да одговори.Членот пет од Вашингтонскиот договор повлекува итен колективен воен одговор од НАТО, кој мора да биде даден доколку некој потписник на договорот е подложен на напад. Овој член беше повикан по терористичките инциденти од 11 септември 2001 година, во САД, по што коалицијата предводена од Америка го нападна Авганистан.НАТО и западните разузнавачки служби предупредија дека Русија наводно стои зад зголемениот број „непријателски активности низ евроатлантскиот регион, од повторени сајбер напади до подметнување пожар“, што Русија го негира.„Доколку Русија нападне еден или повеќе сојузници на НАТО, тоа не би го направила за да зграпчи огромни делови од земја, туку за да ги тестира црвените линии поставени од Западот за да го порази западното единство и НАТО како одбранбен сојуз“, смета Кал.„Сè уште немаме никакви индиции дека Русија има намера да влезе во војна, но ако таквите чувства надвладеат во владата во Москва, тогаш ризикот од воен конфликт ќе се зголеми во следните години“, рече шефот на BND.Според неговите експерти, високи функционери во руското Министерство за одбрана се сомневаат дека членот 5 на НАТО, вклучително и американските заштитни мерки за Европа, навистина ќе се применуваат во итен случај, заклучува шефот на германското разузнавањето.

Пронајдете не на следниве мрежи: