Сириската армија најави привремено повлекување на војниците во Алепо

Сириската армија денеска најави „привремено повлекување на војниците“ од градот Алепо на северот на земјата со цел да подготви контраофанзива против бунтовниците, кои ги нарече „терористи“.Армијата додаде дека десетици војници биле убиени или повредени во борбите со бунтовниците во Алепо и Идлиб во изминатите неколку дена, објави Ројтерс.Руски и сириски воени авиони денеска извршија напади врз бунтовниците во предградијата на Алепо, откако бунтовничките сили го нападнаа градот, потврдија два сириски воени извори.Нападот, кој беше предводен од исламистичката милитантна група Хајат Тахрир ал-Шам, претставува најсериозен предизвик за претседателот на земјата Башар ал-Асад во последните години.Сириската цивилна одбрана, која оперира во делови на Сирија кои се под контрола на опозицијата, објави на платформата X дека сириски и руски авиони бомбардирале станбени области, бензинска пумпа и училиште во Идлиб, кој е под контрола на бунтовниците, при што загинале четворица цивили, а биле повредени уште шестмина.Русија, која е воено ангажирана во Сирија од 2015 година како поддршка на режимот на Асад, вети дополнителна воена помош за да ги запре бунтовниците, а испораката се очекува во следните 72 часа, соопштија воени извори.Бунтовниците, организирани преку сојуз на групи поддржани од Турција, започнаа офанзива претходно оваа недела, заземајќи ги владините градови и стигнаа до Алепо, речиси една деценија откако сириските сили поддржани од Русија и Иран ги протераа бунтовниците од градот во 2016 година.Државната телевизија во петокот негираше дека бунтовниците влегле во Алепо, тврдејќи дека руски авиони ја поддржуваат сириската армија во одбраната на градот. Меѓутоа, бунтовниците рекоа дека напредуваат во неколку градски области.Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, го осуди нападот на бунтовниците, нарекувајќи го повреда на суверенитетот на Сирија.,,Ги поддржуваме сириските власти што поскоро да го вратат редот и уставниот поредок“, рече Песков.

Пронајдете не на следниве мрежи: