Индискиот шахист, Домарају Гукеш, кој вчера испиша историја откако стана најмладиот светски шампион во историјата, пред три години беше член на македонскиот клуб ШК Прилеп.
Тогаш 15-годишниот индиски велемајстор имаше блескав настап на Европскиот шаховски клупски куп во Струга и беше најдобар меѓу сите 277 шахисти од 38 клуба, од 37 држави. Ги одигра сите 7 партии, сите на првата табла, без пораз, со три реми и четири победи. Ремизира со рускиот велемајстор Петер Свидлер, францускиот велемајстор Матиј Корнет и германскиот велемајстор Александер Донченко, а ги совлада: австрискиот интермајстор Петер Шрајнер, норвешкиот велемајстор Јохан Себастијан Кристијансен, српскиот велемајстор Александар Инѓиќ и романскиот велемајстор Владислав Новедничи. Во сенка на Гукеш уште тогаш останаа многу фаворити, познати велемајстори, како Азербејџанците Рауф Мамедов и Шахријар Мамеѓаров, Германецот Александер Донченко, Русинот Александер Гришчук, Украинецот Антон Коробов…
Гукеш вчера направи досега невиден подвиг бидејќи со само 18 години дојде до светската шаховска титула. Колку овој успех е голем говори фактот дека претходно рекордот за најмлад освојувач го држеше Каспаров кој се закити со титулата на 22 години.





