За новогодишно украсување на градот Охрид, локалната самоуправа потрошила вртоглави над 256.757 илјади евра за изнајмување на новогодишни сијалички и светлечки материјали само во последниве 10 години, реагираат од Локалниот огранок на партијата Левица.
– Овие реквизити се изнајмени од Друштво за трговија, производство и услуги „Метал-Ват-Ел“ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје, додека другиот дел го спроведува ЈП „Комуналец“ од Охрид. Годиниве наназад, сите досегашни власти предводени од двоецот СДС-ДПМНЕ ако умееја разумно да управуваат со парите, можеше до сега да направат многу повеќе за празничниот божиќен амбиент со тоа што ќе набават украси и реквизити кои ќе останат трајно во сопственост на општината. Преку одлевањето на парите и изнајмувањето на сијалички секоја година континуирано, локалните моќници го заштитуваат бизнисот на „Метал-Ват-Ел“ и сопствените интереси, реагираат од партијата.
Додаваат дека овој начин на делење на тендери дополнително е доказ за недомаќинското трошењето на парите од страна на кадрите на СДС и ДПМНЕ, без да се земат предвид реалните потреби и приоритети на охриѓани.
Од партијата приложуваат и листа на потрошени средства по години, со вкупна вредност од 256.757 евра:
– 2015 година – 22.869 евра;
– 2016 година – 23.024 евра;
– 2017 година – 16.249 евра;
– 2018 година – 30.292 евра;
– 2019 година – 28.942 евра;
– 2020 година – 20.600 евра;
– 2021 година – 20.600 евра;
– 2022 година – 20.536 евра;
– 2023 година – 28.752 евра и
– 2024 година – 44.893 евра.
– Со вакво нерационално работење, секоја година се одлеваат пари од општинската каса во приватните џебови, наместо Јавните претпријатија да ги зајакнат своите капацитети во обезбедување услуги на граѓаните. Јавно го повикуваме Градоначалникот на Општина Охрид, д-р Кирил Пецаков за наредното новогодишно украсување да ги користи само Јавните претпријатија, а се’ што недостасува како реквизити за украсување, да биде купено и да остане во сопственост на градот, стои во реакцијата.