„Работниците ви се на последно место“, ја обвини власта Бочварски од СДСМ

Пратеникот на СДСМ Благој Бочварски денеска од собраниската говорница ја запраша министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска дали сега, во овие услови на растечки цени и инфлација, ќе го прифати „предлогот на СДСМ за покачување на минимална плата на 450 евра“.

„Упорно не го прифаќате барањето на СДСМ за покачување на минималната плата на 450 евра, иако искуствата покажуваат дека секогаш кога ќе се покачи минималната плата, има спирално покачување и на останатите плати, а граѓаните заработените пари повторно ги враќаат во економијата“, рече Бочварски.

Тој ги критикуваше актуелните економски резултати на Владата и рече дека „долги години, во времето на ВМРО ДПМНЕ работниците земаа 8.000 денари минимална плата“.

„Владата на СДСМ зголемуваше плати во време на незапаметена пандемија и во време на војна, на економско-енергетска криза и со тоа покажавме дека може да се направи скок но растот на платите кога политиките во тој дел се јасни. За првпат Владата на СДСМ ја зголеми минималната плата во државата за 100 проценти во однос на 2016 година, односно на сегашните 22.567 денари“, рече пратеникот.

Пронајдете не на следниве мрежи: