Шпанската Влада и двата најсилни синдикати во земјата денеска се договорија за скратување на работната недела од 40 на 37,5 часа, без намалување на платите, јавува „Euro Weekly News“.
Преговорите за овој потег траеја долго, а Асоцијацијата на работодавачи на Шпанија го напушти дијалогот со синдикатите. Владата сега ќе може да го спроведе скратувањето на работната недела во Парламентот, доколку ја обезбеди неопходната политичка поддршка.
За компаниите кои не го почитуваат новиот пропис, предвидени се високи казни од 10 илјади евра по вработен. Работниците ќе можат да работат и подолго од предвиденото време во една недела, но секој следен час ќе се пресметува како прекувремена работа.
Скратувањето на работната недела се очекува да стапи во сила на крајот на идната година.





