Заклучоци
Како и секоја година, по Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во пристапот кон ЕУ, на крајот на Декември ги добиваме и ЗАКЛУЧОЦИТЕ на Европската комисија, поточно на Советот на европа. Што би се рекло, кратко во точки сумирано што тоа ние како Македонија сме направиле во однос на нашиот пат кон ЕУ, како резултат на постигнатото и што треба да направиме. Всушност добиваме оценка за нашата посветеност кон ЕУ, но во дескриптивна (пишана) форма.
И секако, тоа е нормална работа доколку годинешните заклучоци некако волшебно не ги премолча и власта и опозицијата. За овие нашите во партија, односно на Мицкоски медиокритетите и самиот тој, јасно ми е зошто премолчеа, но потполно ми е јасно зошто и жабокречината од СДС премолча (чест на поединци кои како академска јавност се обидоа индивидуално да укажат, напоменувам, поединци, не мнозинството).
А што тоа ни донесоа заклучоците. Е па драги мои сограѓани, Македонци, сопартијци од ВМРО-ДПМНЕ, заклучоците ни кажаа многу нешто. Но да почнеме со ред.
Најпрво, во документот на ЕК – Советот на европа за заклучоците од точка 56 започнуваат заклучоците за Северна Македонија (цитат од документот на ЕК од 17ти Декември 2024 година, во Брисел под број 16983/24). Е сега, што велат заклучоците од точка 56 до точка 63 или цели 8 (осум) точки наменети за Македонија. Секако, не е тешко да ги наброиме клучните поенти на заклучоците по точки, не навлегувајќи во нивното кратко објаснување кое е дадено. Поентата е само да се запознаете со тоа што ни го порачува ЕУ и како не гледа, за да не останете во заблуда и занесени со гооолемиот успех на Мицкоски во Брисел. Па да го видиме тој голем успех кој го постигна Мицкоски, со неговиот прв дипломат, раскажувајќи вистински „вистини“ во Брисел а што ни порачува ЕУ:
1.точка 56 – Се констатира дека и покрај јавната заложба и себе прогласувањето на владата на Мицкоски за про европска, ЕУ –Советот на европа, потсетува на своите заклучоци од 2022 година. Односно дека, Македонија ги нема завршено своите обврски во однос на уставните измени, поради што Советот ја повикува Македонија (владата) да ги заврши своите обврски. Потоа Советот веднаш ќе го отвори првиот кластер согласно рамката за преговори. Значи драги мои сограѓани и горди Македонци, нема ништо од успешната дипломатија на Мицкоски и промена на ставот на ЕУ во однос на прашањето: „Бугари во устав“. Очигледно не им објаснил доволно за да ја разберат вистинската вистина, ќе мора малку повеќе да се потруди, можеби би било добро да го оставиме заедно со Тимчо статива и Муртезани изгубен во вселената, да поседат една година во Брисел и да објаснуваат се до следните заклучоци. Доколку и до догодина не успеат, да го засилиме со уште неколку посветени лобисти на државна цицка. Во меѓувреме ние успешно ќе живееме во мизерија, а партиските ботови и епигони ќе пишуваат глупости и хвалоспеви за Мицкоски по социјалните мрежи, особено за неговиот висок рејтинг. Овој заклучок на Советот на европа само глуп или злонамерен човек кон Македонија не може да го разбере. Секако некој некаде ќе се пронајде.
точка 57 – Се охрабруваат сите парламентерни партии да обезбедат меѓупартиска соработка со цел унапредување и спроведување на реформите поврзани со ЕУ.
Очигледно дека на претставниците на ЕУ во Македонија, но и на дипломатските претставници на земјите членки на ЕУ во Македонија не им е надвор од фокусот однесувањето на партиите во Собранието. Имено, од анти ЕУ јавно декларираната Левица, преку суптилно и полу јавно кажаните анти ЕУ политики на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН при што се обидуваат вината да ја префрлат врз ЕУ, па се до изгубените и распаднати СДС и во безизлез залутаната ДУИ (иако излезот од бељата Артан е многу лесен и може да помогне на целата држава), нема вистинска желба за реформи на општеството. Тоа и е познато на ЕУ и таа на еден да кажеме благ, дипломатски начин укажува и покажува кон улогата на политиката и Собранието како законодавен дом, како треба да се однесува, особено кон реформите за членство во ЕУ.
3.точка 58 – Токму оваа точка е надоврзување на претходната точка, при што, Советот констатира дека забрзувањето на имплементацијата на реформите е неопходна особено во областите на владеење на правото каде што е неопходно Македонија да ги исполни обврските во однос на независноста, професионалноста, ефикасноста и непристрасноста на судството вклучително и реформа на јавната администрација. Онаа јавна администрација која со формирањето на нови министерства (покрај препораките на ЕУ за спојување и укинување-намалување на вишок државни органи), Мицкоски ја уреди, спастри и направи ефикасна и на услуга на сите нас. Потоа, се напоменува дека треба да се зајакне борбата против организираниот криминал и корупција и во тој контекст Советот особено ја нагласува својата загриженост за измените на Кривичниот законик кој амнестираа голем број на случаи на корупција на високо ниво. Советот ја повикува Македонија да усвои нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди. На крајот на оваа точка се повикува Македонија да продолжи да ги зајакнува основните човекови права.
И што појасно од ова да се каже – заклучи – препорача? Нивото на кое се наоѓаме не е подобро од минатата година и владата на Ковачевски и неспособното СДС, колку и да се обидува ПР машинеријата на Мицкоски да го прикаже како успешен. Најпрво, ќе беше добро доколку власта донесеше пакет на клучни закони, започнувајќи од Закон за мониторинг мисија на ЕУ и САД во судската власт во Македонија со конкретни овластувања, бидејќи е јасно дека не сме во состојба да спроведеме реформи во судската власт и да добиеме конечно (и покрај една милјарда потрошени пари на американските даночни обврзници) независно, непристрасно, професионално и ефикасно судство. Што се однесува до јавната администрација, таму ама токму ништо нема да се чепне. Едноставно знае Мицкоски а и пајташте му Изет и Максо (викан патриот – на батерии од српско производство) дека доколку тргнат во оваа клучна операција, нема да можат да вработуваат стручни и професионални и компетентни по мерит систем и заслуги (како што би рекла Дафина) партиски кадри, туку и тоа што е вработено ќе мора да се отпушта, односно да се преквалификува и вработи во приватен сектор. Но тогаш нема да може да се влијае врз нив за гласови, а тоа е опасно за политичкото здравје на Мицкоски и другарчињата му. И ете пак за Кривичниот законик и бандитското укинување на членот 353, за што како Внатрепартиска фракција во ВМРО-ДПМНЕ упорно предупредуваме. Па нели Мицкоски рече дека ќе го врати овој член откако претходно му направи кворум на Ковачевски за да се изгласа, а сега и шест месеци откако е на власт нема ниту најава дека би предложил нов Кривичен законик по европски модел. Покрај тоа, да сакаше да се бори против корупцијата и криминалот и Македонија да се движи забрзано кон ЕУ, Мицкоски – ВМРО-ДПМНЕ ќе предложеше и усвоеше во Собрание пакет закони како што се: Закон за потекло на имот, Закон за рестриктивни мерки (во врска со црните листи), Закон за незастарување на економски дела сторени против државата, Закон за избор на судии и обвинители (можеби по моделот на САД).
4.точка 59 – Ги утврдува конкретните состојби во однос на изминатите избори, но и потребата од имплементација на забелешките на ОБСЕ-ОДИХР како и на Венецијанската комисија. Генерално тука нема ништо ново, а доколку сакаме напредок на демократијата, унапредувањето или поточно измената на изборните правила кои во овој момент имаат исклучително не демократска поврзаност со однесувањето на политичките партии и нивните лидерства до степен на корупција, клиентелизам и медиокритетство е една посебно широка тема за која би ни требала нова колумна и тоа само како вовед.
5.точка 60 – Ова е една од двете точки во кои се пофалува Македонија и таа се однесува на активностите во врска со обезбедувањето на границите и борбата против миграцијата. Ова е секако одлична вест, но неопходно е да напоменеме дека е поврзана со директната соработка со ЕУ преку ФРОНТЕХ. За жал во едно интервју на национална телевизија министерот по занимање, Панче, успеа самиот да го расипе овој заклучок на Советот на европа преку тресење глупости, е шија ми га Ѓура. Панче пак ја оплеска, леле, леле, куку леле, затоа Мицкоски не може да има 30% рејтинг и на наместени анкенти.
6.точка 61 – Оваа точка се однесува на економијата и условите за стопанисување и Советот ни дава поддршка да направиме напори за прилагодување на нашата економија за да се справиме со конкуренцијата и пазарните сили во ЕУ преку подигање на капацитетите за што се неопходни структурни реформи. Што би се рекло, повторно не реформираност на бизнис областа, а за тоа многу повеќе може да ви кажат оние кои не се во кругот на владини-државни тендерски фирми и самите мора да се борат со нелојалната конкуренција.
7.точка 62 – И повторно клучна забелешка, добрососедските односи и градење доверба со соседите преку почитување на договорите, вклучително и преговарачката рамка. Да не се повторувам, се е кажано погоре во точката 56 и 57, а сега само се потврдува низ конкретни обврски. Тоа гордата политика на Мицкоски веројатно ќе се обиде да ви го претстави како успех, посебно ако уште неколку пати ја намести Силјановска да истрча со изјави како при инаугурацијата за претседател на Републиката. Можеби и таа вистинска „вистина“ ќе допре до клетите Грци, Бугари или можеби Французи па ќе се сменат договорите, во што Гаши се обидува да го убеди претседателот на Сенатот на Франција, низ обидот да ја обвини ЕУ за нашето не сакање да бидеме дел од ЕУ. Впрочем иста матрица како и кај Мицкоски, затоа не се надевајте дека ВЛЕН нешто ќе го притисне Мицкоски на патот кон ЕУ. Не, не, нема да има такво нешто. На ВЛЕН им е убаво во власта, тие само сакаат добро да се натоварат и по принципот на Груби да си заминат од Македонија, а вие драги мои сограѓани и сопартијци ќе останете (заедно со мене – бидејќи тоа што ви го пишувам не е моја лична сатисфакција), со прстот во уста и со гооолеми уши кога ќе се погледнете в огледало.
8.точка 63 – Последната точка во заклучоците е како мелем на рана. По толку критики еве на крајот завршуваат заклучоците со една пофалба, а таа се однесува на нашето долгогодишно залагање во рамките на Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ. И секако не во овие месеци, туку точно се вели долгогодишна. Тоа наше залагање не е во однос на некаков напредок кон ЕУ, туку пред се се должи на нашето членство во НАТО и учеството во мисиите на НАТО-ЕУ, но и на воведените санкции кон Русија. Добро е, барем во еден сегмент сме добри.
Во овој контекст ме интересира дали ќе бидеме континуирани. Ова го прашувам едноставно само од една причина. Дали конечно ќе ја испратиме предвидената помош за Украина? Таа и е неопходно – насушно потребна на Украина, но потребна ни е и нам, а посебно на Мицкоски за да докаже дека сеуште е про НАТО определен барем формално, а со тоа и Македонија да остане што би се рекло во клубот. Тоа ќе го видиме на дело и тоа многу скоро. Доколку и покрај препораките на нашите стратешки партнери и партнерите од ЕУ, вклучително и силните пофалби во точката 63 од заклучоците на Советот на европа, сепак посилни бидат нечии други притисоци или исполнување на претходно преземени обврски од страна на Мицкоски кон некој други „партнери“. Тогаш ништо од декларираната помош за Украина усвоена на владина седница. Се ќе си остане празна буква на хартија, но и следните заклучоци на Советот за 2025 година ќе бидат без пофалби.
Како заклучок на заклучоците на Советот на европа, а во однос на однесувањето на владата и на сите во Собранието, може да констатираме кратко и јасно дека „НЕМА ИСКРЕНА ЖЕЛБА ЗА ДВИЖЕЊЕ НА МАКЕДОНИЈА КОН ЕУ“. Не сака во ЕУ владата (освен на зборови, а тоа не се важи), но не сака ниту и опозицијата која е безидејна и неспособна за било што.
И не ни е виновна Европа, уште помалку САД. Виновни сме си самите. Покривањето на оваа цел за не придвижување на Македонија кон ЕУ се прави со лажен ПР, шарени слики од Брисел на кои се гледа насмеано-сериозниот Мицкоски, преку интервјуа во кои ништо не се кажува токму во однос на ЕУ, а се даваат од Брисел. Сето тоа е веќе видена работа која се случуваше и се случува во Белград. Србија гори и се бунтува, ама Вучуќ се слика во Брисел, а од силните фотографии на Мицкоски во Брисел кои се протоколарни, само една не е протоколарна, тоа е онаа во разговор со Вучиќ. Разговараше ли Мицкоски со некој друг во ЕПП и тој да сакаше да се слика насмеан со него, а тоа да не е протоколарно? Прашувам онака за партиски другар.
За крај, само да напоменам. Нема Полска како претседавач на Европскиот совет да го измести вниманието од војната која ја води Русија против Украина и да се концентрира на Балканот како што раскажува Мицкоски. Доволно е да се знае географија за да се разбере манипулацијата која Мицкоски ја пласира во желба да се покаже како многу близок до Доналд Туск, дотаму близок што дури му ги знае и плановите. Тоа е како мали Ѓокица го гледа светот и ништо повеќе. ЕУ јасно одговори на обидите на власта во Македонија да ја префрли топката кај нив со фразата: „да се изјасни ЕУ дали е подготвена за проширување“. Ете ЕУ јасно се изјасни и преку Каја Калас дека е за проширување и тоа брзо, но со исполнети услови. Впрочем на ЕУ и е потребна успешна приказна на Балканот, за неа беа предодредени Албанија и Македонија. Ние самите се исклучивме, или поточно, не исклучи Мицкоски по налог на друг, така што, како што е кажано на почетокот на документот за заклучоците на ЕК-Советот на европа во точка 2, ЕУ ја потврдува својата определеност за проширување и спроведување на Стратешката агенда на ЕУ 2024-2029 од јуни 2024.
Со ова се е кажано, а најмногу дека за 3-4 години Албанија ќе биде земја членка на ЕУ, како успешна приказна на Балканот. Прашање за Мицкоски: „Уште колку време има Македонија да биде неуспешна, но да биде горда, а ти и твоите пајташи да правите пари“? Патем, Изет, Гаши, Таравари и нивните имаат време, тамам толку колку што им треба, а потоа без одговорност како и Груби ќе ја сменат државата. Има време и Максо, посебно кога треба да ја спроведе задачата за божем патриот кој го брани Македонецот од клетите Шиптари и Бугари преку фирмите во Бугарија. Но сите ние како граѓани на оваа наша Македонија немаме време, доколку не се освестиме. Освестувањето мора да биде во насока на граѓанско движење за итно полноправно членство на Македонија во ЕУ, ништо помалку.
Оливер Андонов