Левица: Директорот на Детската клиника и неговиот братучед се одговорни за смртта на 20 деца – Таравари да го разреши!

Левица бара од министерот за здравство, Арбен Таравари да го разреши директорот на Клиниката за детски болести, Реџеп Мемеди поради смртта на повеќе новороденчиња во самата здравствена установа. Според Левица, Реџеп Мемеди и неговиот братучед не се подготвени, како што велат, да преземат одговорност за смртта на дваесетте деца кои починале во шестте месеци од кога тие се на чело на институцијата.

-Државниот санитарен и здравствен инспекторат изрекол две казни на институцијата и директорот, а постојат и воочени недостатоци од страна на Државниот завод за ревизија. Сепак, кланот Мемеди избира да ги игнорира забелешките на овие институции и продолжува со злоупотреба на државни средства за лично богатење. Мемеди ќе плати и втора казна во само два месеци затоа што одбива да ги отстрани сериозните недостатоци на самата клиника! Двата извештаи на инспекцискиот надзор го откриваат колапсот на клиниката, вклучувајќи нестручни лекари и одбивање прием на деца без никакво образложение, наведуваат од партијата на Димитар Апасиев.

Левица го прашува Таравари зошто ги занемарува апелите на јавноста за разрешување на Мемеди.

-Братучедите од Студеничани имаат заемно владеење на институцијата, па Алајдин, иако не е вработен во Клиниката, користи скениран потпис од својот братучед, медицинскиот директор Реџеп, за печатење на одлуки кои самиот ги донел! Покрај тој навод за фалсификувани документи, од страна на ДЗСИ е воочено дека помладите специјализанти кои дежураат иако немаат законско право за тоа, користат факсимили од постари специјализанти или специјалисти кои на хартија дежураат, но се немаат појавено на клиниката! Ургентниот центар на клиниката останува затворен, па пациентите се одбиваат без образложенија, спротивно на закон, истакнуваат од опозициската партија.

Во петокот, министерот за здравство се сретнал со докторите од Клиниката за респираторни заболувања кај децата „Козле“, кои пратија отворено писмо дека директорката лошо менаџира со установата и им врши мобинг. Таравари без конкретен одговор како ќе постапи – вели за неколку директори се прави анализа колку стручно и компетентно ги водат здравствените установи.

„Ги евалуираме повеќето директори, ни требаат повеќе индикатори. Не сакаме да постапиме емоционално. Ни требаат сигурни докази таму каде што гледаме дека директорите не раководат баш како што треба, треба да се заменат со подобри. Меѓутоа, сега не би сакал веднаш да кажам. Треба да донесеме коректна и прагматична одлука“, изјави Таравари.

По неколкуте смртни случаи на Детската клиника, министерот Таравари е резервиран дали ќе го смени директорот на оваа здравствена установа, вели во тек е стручен надзор на клиниката и се проверува работата на директорот, за разрешување и именување директори не требаат емоции, туку податоци. По смртта на седуммесечното бебе, Здравствениот инспекторат утврди пропусти во лекувањето, Таравари вели дека таа вечер дежурале тројца специјалисти. Ова беше четврти смртен случај за три месеци.

Пронајдете не на следниве мрежи: